ГЛАВНА СТРАНИЦА

Seminarski i Diplomski Rad
 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА
 

Климент и Наум Охридски во народната традиција


Предание-легенда

Меѓу најстарите наши народни умотворби спаѓаат легендите и преданијата. Пројавувајќи се со својата тематика и содржина како мошне специфичен жанр на народната проза, легендите и преданијата постигнале богат развиен процес и своевиден израз. Во процесот на создавањето на народни легенди и преданија дошло до творечко соединување на реалистичкиот, историскиот податок со поетска измислица: имено, овие народни умотворби така и се создаваат- на определен настан од стварноста се напластува творечка фантастика со анонимниот раскажувач.
Додека легендата претставува зрно рационализам обвиткано со најфантастични народни претположби и толкување на некои појави во животот и природата, преданието зборува за настани и личности кои одиграле значајна улога во животот на населението од определено, регионално подрачје или на целиот народ воопшто. Легендите се одликуваат со разновидна идејна-тематска содржина, која всушност и го овозможува делумното решавање на прашањето за нивниот развоен пат.
Преданијата ги карактеризира историзацијата, локализацијата, архаизмите , разјаснувањето на потеклото на некое место или за негово име. Тие се доста кратки, говарат за еден настан поточно информираат за нешто. Бидејќи немаат стандарден почеток и крај, значи тие создаваат слободно, композицијата е слободна, па оттаму на нив наидуваме на широк простор за импровизации, од кои пак извираат огромен број мотиви и ликови. Но пред се, треба да нагласиме дека најзначајно е што во нив е вткаена душата на народот. Од нив го дознаваме македонскиот бит, ја дознаваме судбината на македонскиот човек во времето низ историјата, на непокорноста, во времето на мудроста и достојноста. Тоа е време кога е создадена богата традиција. Затоа да и дозволиме на традицијата да биде вечна со времето и безкончна во просторот.
Македонските народни легенди и преданија се прекрасно сведоштво за постоено активен народен дух и интелект, на занимлив начин тие ја илустрираат вечната народна љубопитност која настојувала- се разбира- во рамките на тогашните погледи и сфаќања- да проникне во секоја животна појава, во секој природен и општествен феномен, при што давала своја оценка и толкување. Во минатото овие народни умотворби имале огромно значење, тие вршеле несомнена општествено-национално фунција: чувајчи го споменот за значајни пресудни историски настани, проткаени со брби и противставување на поробувачите-туѓинци, легендите и преданијата го освежувале и одржувале сознанието за национална самобитност. Иако легендите и преданијата како народно- поетски жанр му припаѓаат на минатото, тие остануваат драгоцен извор за запознавање на народното, колективната психологија и мироглед.
Свети Кирил и Методиј стојат на челното место во групата на познатите седмочисленици, како прво учители, од кои биле задоени нивните ученици. Секогаш кога зборуваме или се потсетуваме на Св. Наум Охридски, неговото име асоцијативно се врзува на Климентовото. Овие двајца светители, се најдостојните ученици на Св. Кирил и Методиј, тие го воздигнале делото на своите учители, останале верни до крајот на својот живот. За овие двајца светители постојат многу легенди и преданија, а во ова кратко истражување ќе се задржам токму на легендите и преданијата поврзани со овие средновековни дејци.

Легенди и преданија за Св. Климент Охридски

Кога станува збор за Св. Климент Охридски, веднаш неговото дело го поврзуваме со учителствувањето. Но, неговото име е свето, па затоа велиме “Св.” Климет Охридски.
Да ја разгледаме легендата. Според верувањата Св. Климет Охридски во некое село под Галичица секој втор ден, кај некои ливади ги учел децата да пишуваат и да читаат. Тој не се претставува како Св. Климент туку напротив селаните го знаеле како обичен старец. Ова можеме да го поврземе со тезата дека светците се појавуваат како обични луѓе (најчесто старци) со цел да бидат прифатени како такви. Со оглед на тоа што доколку се претстават како светци, тие ќе бидат воздигнати од народот, ќе им се поклонуваат. Добродетелта не луѓето се препознава по отвореното срце за помош на оној кој што најмногу му треба (во случајот тоа е старец).
Откако селаните дознале дека Св. Климент е старецот којшто ги учи нивните деца, тие забраниле на ливадата да се пасат говеда. За легендата да го достигне својот врв и да биде воздигнато името на Св. Климет Охридски, се појавува прекршител на забраната, односно лик којшто не ги слуша суеверијата на селаните и прави прекршок.
Секогаш кога имаме прекршок на забраната, веднаш потоа следува казна од светецот. Во случајот детето е казнето со тоа што од ден на ден му станува се потешко. Постарите се мудри, па оттаму тие го наоѓаат клучот на болеста, односно се повикуваат на своите светци.
Мајката за да го спаси својот пород ( бидејќи детето на секоја мајка е всушност нејзиниот живот) таа прави договор со светецот, односно сака да му одаде жртва за неговото дете да се врати во нормалниот свет.
Бидејќи по правило светците и Господ, ги простуваат гревовите на вистинските покајаници, Св. Климент се сложува да го излекува детето со тоа што неговата мајка ќе направи манастир.
Од оваа легенда под наслов “Учителот Климент”5 добиваме две различни верувања за Св. Климент Охридски. Од една страна стои дека Св. Климет сакал, им помагал ги учел децата на селаните, а од друга страна се јавува хиперболизација на неговото име односно, е претставена моќта на светците да казнуваат (оние кои грешат) и да им простуваат на покајаниците. Значи од оваа легенда заклучуваме односно дознаваме за учителската и светата моќ на Св. Климент Охридски.
Еден од десетте Божји заповеди гласи: Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог. Овој Божји заповед сметам дека важи и за светците. Ова мислење на христијанската легенда ќе го поврзам со легендата на Св. Климет насловена како “бегот и игуменот”. Во легендата се кажува дека игуменот тврди дека Св. Климент е жив. На ова се спротивставил бегот кој му предложил да се обложат и доколку е навистина е жив целото свое богатство да му го отстапи на манастирот посветен на Св. Климент, во спротивно целото богатство со кое располага манастирот да му припадне нему.
Овде имаме прекршок од страна на игуменот затоа што тој се сложува на дадениот предлог. Иако неговото тврдење (дека Св. Климент е жив) се потврдува, сепак е грев тоа што го споменува името на светецот, а уште повеќе се обложува во негово име. Овде повторно имаме хиперболизација затоа што фрленото шише (фрлено на гробот на Св. Климент Охридски) останува нескршено.
Во оваа легенда од една страна ја имаме повторно моќта и силата на светецот, наспроти прекршокот на игуменот (кој што е верен на светецот).
По правило, доколку постои прекршок од страна на лица којшто се верни на Бог (и светецот) светецот секогаш се јавува во сон, за да го предупреди односто да го упати на грешката што е направена. Оваа легенда завршува со заклетвата на игуменот дека нема повеќе да прави нечесни дела.
Оваа легенда е сведоштво за покорливоста на верниците пред своите светци, но и грешките коишто може да се направат служејќи му на светецот. Но, овде е и простувачката сила на светецот кон своите искрени и верни служители.
Свети Климет Охридски покрај тоа што е далеку познат како учител, според легендите и преданијата постојат случаи каде што Св. Климет Охридски се појавува како лекар.
Овде се легендите насловени како : “Чудото со глувата и нема девојка”; “ Болната девојка”6 и др.
Имајќи ги предвид другите светци, и Св. Климент како светец, ја имаат таа исцелителна моќ да ги лекува луѓето. Можеби не директно ами индиректно тој се грижи за здравјето и среќата на обичните луѓе.
Таков е примерот со легендата “Чудото со глувата и нема девојка”. Значи (според легендата) нема никаков допир помеѓу девојката и светецот, ами тој всушност се јавува како медијатор односно советник, и им вели на родителите девојката на полноќ да се напие од пенливата вода на брегот од Охридското Езеро. Тој всушност ја претставува врската помеѓу Бог и девојката, односно ја кажува тајната на нејзиното спасение.
Во легендата “ Болната девојка” имаме спротивен случај. Решението на проблемот лежи во директната врска на Св. Климент Охридски со девојката. Во времето кога е создадена оваа легенда, Св. Климент Охридски веќе бил мртов. Тајната и мудроста на старите е благодет и во денешно време. Стариот рогозинар го советува таткото на девојката (по професија доктор) дека неговата ќерка ќе биде излекувана само доколку ја допре раката на Св. Климент Охридски. Но, бидејќи моштите на Св. Климент Охриски се разнесени во други манастири, раката се наоѓала во некој далечен манастир. Старипт рогозинар прави договор со таткото (на болната девојка) дека ќе ја донесе раката, но за тоа да добие награда (една ока злато).
Допирот на девојката со раката на Св. Климент Охридски ја иницира моќта на светите мошти на Св. Климент Охридски. Значи, по правило моштите на сите светци имаат исцелителна моќ.
Од оваа легенда дознаваме дека заштитничката, исцелителната моќ на Св. Климент Охридски се уште постои.
Кога некој од охридските граѓани би ги прашале кој е Св. Климент Охрисдки тие би ви одговориле: заштитник на градот Охрид! Од ова следи дека постојат многу легенди и преданија коишто се поврзани со заштитничката моќ на Св. Климент Охридски на градот Охрид. Да разгледаме некои од нив.
Св. Климент Охридски им помагал на своите граѓани тогаш кога им бил најпотребен. Тој правел разни “интриги”, ги предупредувал, се со цел да не настрада народот свој. Како пример би ја зел легендата којашто е поврзана со коњите, односно Св. Климент Охридски ги советувал своите граѓани да ги потковуваат своите коњи наопаку. Целта на оваа “интрига” e Турците да помислат дека граѓаните си заминале од градот.
Во оваа легенда Св. Климент Охридски се јавува како мудрец, којшто со своите мудрости успева да придонесе за спасот на своите граѓани.
Интересна е легендата (би рекол и дека е доста хиперболизирана) кадешто Св. Климент Охридски се појавува директно во судир со Турците.
Овде имаме директна врска на светецот со противниците-грешници.

Легенди и преданија за Св. Наум Охридски

Легендата за Св. Наум Охридски “Св. Наум и мечката” е една од легендите за којашто истражуваат многу наши но и странски научници. Легендата е испреплетена со моќта на светецот и неговата добродетел.
Во легендата стои дека кога некој христијанин отишол со своите два вола да бере дрва на планината, мечката му го зела едниот вол7. Христијанинот отишол да се советува со Св. Наум Охридски. Св. Наум Охридски ја покажува својата моќ со тоа што успева да ја спрегне мечката да ора цели три години.
Казната што следи е еднаква за сите, без разлика дали се работи за човек или животно. Моќта на светците односно казната е еднаква за сите.
Од оваа легенда постои и пословица (Не мисли лошо другому, лошото се враќа себеси). Што значи треба да извлечеме поука дека не треба да се греши, затоа што постои некој над нас, којшто не следи и на ваков или таков начин се ќе ни се врати.
Оние коишто грешат, коишто не веруваат во моќта и силата на Св. Наум Охридски се казнувани најстрого, плаќаат со својот живот. За тоа сведочи легендата “удавените луѓе во езерото”.
Во вториот дел од оваа легенда постои и би рекол “проверка” (или искушените) на лудото дете. Во моментот кога се давеле луѓето можеби детето е намерно испратено (од страна на Св. Наум Охридски) на проверка. Тој успешно ја поминуваа таа проверка со тоа што извикува дека луѓето се дават. Детето веднаш по извикувањето се излекувало. Всушност детето успешно ја поминува таа проверка, а како награда го добива своете здравје.
Постојат многу легенди и преданија коишто се поврзани со манастирот на Св. Наум Охридски. За пример ќе ги земам легендите “ Св. Наум”; “За турчинот што крадел”; “ За украдените работи од манастирот на Св. Наум”8 и др.
Овие легенди ќе ги поврзам повторно со еден од десетте Божји заповеди: Не кради! Според легендата Св. Наум Охридски не ги казнува грешниците, ами прави работи за коишто сака да ги упати дека тоа што го правет не е во ред. На пример, кога турчците украле чилим од манастирот, Св. Наум Охридски не ги казнил директно грешниците, туку им го запрел коњите да не одат. Со тоа всушност тој го тера сами да си го разберат својот грев, и да се поправат.


Заклучок


Св. Климент и Наум Охридски со своите преданија и легенди живеат до ден денес. Тоа е богатството што го имаме, што не прави среќни, посилни, по храбри. Секој православен христијанин би се восхитувал на моќта (макар и хиперболизирана) на овие светци. Верувањата за исцелителната моќ што ја имаат манастирите посветени на Св. Климент и Св. Наум Охридски живее и сега во дваесетти и први век. Секој којшто би го посетил градот Охрид не би ги одминал овие манастири имајќи ги предвид преданијата и легендите.


Користена литература:

КЛИМЕНТ и Наум Охридски во народната традиција / (изборот го извршила) Вера Стојчевска- Антиќ- Скопје : Наша книга, 1982. – 90 стр ; 20 см. – (Библиотека Есеи)
ПРИЛОЗИ за наставата по литература. Средновековна книжевност/приредил Раде Силјан – Скопје : Матица македонска, 2001 – 432 стр. 24 цм.

 

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD