ГЛАВНА СТРАНИЦА

Seminarski i Diplomski Rad
 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - МЕНАЏМЕНТ
 
ДРУГИ СЕМИНАРСКИ РАБОТИ
- МЕНАЏМЕНТ -
Лидерство и менаџмент-семинарска работа
Gledaj Filmove Online

 

 

 

 

 

 

 

 

 


SWOT АНАЛИЗАТА

 

А П С Т Р А К Т


Цел на оваа тема на семинарската работа е најпрвин низ теориски разгледувања да ја дефинира и објасни една од основните менаџерски алатки – SWOT анализата. На почетокот ќе биде разработен историјатот, првото објавување, кои значајни субјекти ја имаат употребувано. Понатаму низ теоријата детално ќе се опише и објасни. Секој од нејзините составни делови ќе биде дефиниран и објаснето ќе биде на каков начин се применува и за што служи.
Понатаму, со примери од практиката истата ќе биде аплицирана на конкретната тема на оваа семинарска работа “SWOT на македонската печатарска индустрија за настап на ЕУ пазарите со outsourcing“. Во оваа насока ќе бидат опфатени повеќето фактори кои влијаат на нашата печатарска индустрија. Анализата ќе има за цел да покаже кои се нашите шанси за настап на овие пазари, со кои проблеми се соочува индустријата, а кои се нејзините силни страни.


В О В Е Д


SWOT е анализа на меѓународното окружување. За таа цел се прави анализа на меѓународното екстерно окружување и согледување на можностите и ограничувањата кои постојат во него, а потоа се утврдуваат сопствените предности и слабости на претпријатието , а врз таа основа да се согледа стратегијата која ќе води кон успех на меѓународниот бизнис. SWOT анализата се состои од два дела и тоа екстерен и интерен.
При формулирање на меѓународна стратегија, стратегиските менаџери во претпријатијата се среќаваат со комплексно и неизвесно окружување. Успешниот стратегиски менаџмент во меѓународниот бизнис започнува со анализата на меѓународното окружување. Од анализата на комплексното и неизвесно меѓународно окружување произлегуваат и алтернативните стратегии за настап на различните пазари во меѓународниот бизнис. Наједноставен начин на анализа на меѓународното окружување е примената на SWOT –анализата.
Идентификацијата и оценувањето на стратегиските можности и ограничувања во меѓународното окружување е предуслов за успешно спроведување на стратегискиот менаџмент. Јазикот, културата ,политиката, ставовите, економските и други варијабли значајно се разликуваат помеѓу земјите. Мултинационалните компании се судруваат со различни политички, економски, правни и културни сегменти на окружувањето кои се разликуваат според стапката на промени. Постојат сложени односи помеѓу овие фактори. Комуникацијата во мултинационалното претпријатие може да биде многу отежната поради растојанието, културните бариери меѓу земјите и слично. Располагањето со информациите за економијата, маркетингот, исто така варира помеѓу земјите. Бројот и карактерот на регионалните организации и групи варира различно во различни земји.


ТЕОРИСКИ РАЗГЛЕДУВАЊА

Анализата SWOT е едноставна вежба за планирање на алтернативите при донесување на стратешки одлуки. За првпат била опишана во доцните 60-ти години од Edmund P. Learned, C. Roland Christiansen, Kenneth Andrews, и William D. Guth. Во 80-те години била користена од страна на советот за Развој на General Electric .

Во основа се состои во идентификување на силите (S – strenghts) и слабостите (W – weaknesses) на организацијата како и можностите (O – opportunities) и заканите (Т – threats) на работната средина. Најголемиот дел од силите и слабостите се од интерен карактер односно зависат директно од организацијата, додека пак најголемиот дел од можностите и заканите се од екстерен карактер, односно зависат од надворешни фактори и најчесто не можат да се контролираат . Од овие причини, понекогаш SWOT анализата се нарекува и Интерно-Екстерна или ИЕ анализа. Она што е најважно во оваа анализа, е детално и непристрасно да се анализираат и наведат фактите.
При наведување на силните страни, на пример, треба да се води сметка да не се преценат, а во меѓувреме исто така многу е важно и да не се биде премногу скромен и истите да се потценат. По изработката, SWOT анализата треба да покаже кои фактори (силни страни, можности) влијаат позитивно да организацијата ги постигне своите цели, а кои фактори (слаби страни, закани) стојат како пречка на тој пат.

Најпрвин треба да се постават прашањата за идентификување на силите (S) кои можат да бидат од типот:


Кои предности организацијата ги има?
Што прави организацијата подобро од другите?
Кои се најефтини извори на ресурси кои организацијата ги има?
Што другите во околината го гледаат како предност на организацијата?

Одговорите на овие прашања се запишуваат во соодветното поле на табелата и тие можат да гласат:


Добро развиена стратегија
Добро поставен тек на работата (workflow)
Добро организирана набавка и ниски цени на репроматеријали
Едуциран и мотивиран човечки потенцијал
Добри маркентиншки вештини
Соодветна организациска поставеност
Соодветни системи за контрола
Добра репутација кај клиентите и добавувачите
Ниски оперативни трошоци и слично.

Кога се размислува за овие прашања потребно е да се мисли и во релација на конкуренцијата. На пример, ако сите конкуренти на пазарот имаат висококвалитетни производи тоа тогаш веќе не е предност, туку неопходност.
После наведување на силните страни се пристапува кон анализа на слабостите (W) при што се поставуваат прашања од типот :


1. Кои се главните слабости?
2. Што организацијата прави полошо од другите?
3. Кои се работите што треба да се избегнат?
4. Што е тоа што другите го гледаат како слабост?

Повторно одговорите се запишуваат во соодветното поле и тие можат да гласат:


1. Лошо подготвена стратегија
2. Лошо поставен тек на работата (workflow)
3. Неадекватни човечки ресурси
4. Скапи и неквалитетни репроматеријали
5. Лошо поставен маркетинг
6. Губење на репутацијата кај клиентите
7. Лоши меѓучовечки односи
8. Застарена технологија и скапо оддржување на опремата
9. Високи трошоци од оперативно работење и слично.

По анализата и наведување на фактите на интерните параметри, односно силните и слабите страни на организацијата се пристапува на анализа на надворешните фактори. Овие фактори можат значително да влијаат на работата на организацијата и затоа мора внимателно да се анализираат. Мора да се земат во предвид како сегашните, така и факторите кои може да влијаат во иднината.
Најпрвин се анализираат можностите (О) при што се поставуваат соодветни прашања:


Кои се добрите можности кои се укажуваат?
Какви се трендовите во бизнисот?
Какви се трендовите во технологијата?

Одговорите на овие прашања се запишуваат:


Проширување на основниот бизнис
Проширување на постоечкиот асортиман на производи
Проширување на нови (странски) пазари
Намалување на соперништвото помеѓу конкуренцијата
Надминување на бариерите за влез
Промени во политиката на владата во делот што ја засега организацијата

На крајот се анализираат заканите (Т) кои владеат кон организацијата при што треба да се постават следните прашања:


1. Кои се препреките со кои се соочува организацијата?
2. Што прави конкуренцијата?
3. Дали промената на технологијата е можна закана?
4. Дали некоја од слабостите претставува сериозна закана по бизнисот?

Можни одговори на овие прашања што треба да се запишат се:


1. Напад врз основниот бизнис(и)
2. Зголемување на конкуренцијата
3. Нови форми на конкуренцијата
4. Промени во вкусот на потрошувачите
5. Пораст на нови производи или производи како замена
6. Промени во демографскиот фактор
7. Промени во економскиот фактор
8. Пад на економијата
9. Поскапувања во енергетскиот сектор
10. Пораст на цената на работната сила

Откако ќе се пополнат сите полиња основата на SWOT анализата е готова и се добива прилично јасна слика за ситуацијата. При генерирање на стратешките алтернативи, сега многу полесно може да се води сметка на пример, силните страни да се користат за следење на можностите и избегнување на евентуалните закани.
Многу важно во целиот процес на изработка на SWOT анализата е да се даде поширока перспектива, односно, да бидат користени повеќе извори. На пример, доколку за изработка на SWOT анализата бидат користени само мислењата на генералниот директор на една компанија, со сигурност ќе се добијат полоши резултати отколку да речеме бидат интервјуирани и други фактори како што се: добавувачите, дистрибутерите, вработените и слично, и анализата се направи како комбинација на сите мислења.
Иако како модел, SWOT анализата е одлична алатка, таа има и свои лимити. Не секогаш може да се генерализираат факторите и сместат во некоја рамка. На пример, однесувањето на одредена компанија и нејзините навики можат да бидат и предност но и слаба страна во определени ситуации . Исто така, технолошката промена може да биде и можност но и закана во исто време. Она што сепак тука е најважно е тоа дека SWOT анализата нуди запознавање со факторите кои влијаат на организацијата, а свесноста за нивното постоење неминовно доведува до изработка на стратегија за дејствување од страна на менаџерите, со што тие задаваат насока на движење на организацијата кон остварување на целите.


Примери од практиката

Во овој дел од оваа семинарска работа ќе биде земен осврт на главната тема: “Настап на македонската печатарска индустрија на пазарите на ЕУ со outsourcing“. Како што беше наведено во теорискиот разглед ќе ги наведеме сите фактори во една табела, а подоцна накратко ќе ги анализираме.


Најпрвин ќе ги анализираме силните страни. Во Македонија сеуште постои ефтина работна сила. Тоа е моментална конкурентска предност, но со растот на економијата и тоа ќе се промени. Добрите и квалификувани работници кои во моментот се предност, ќе бидат сé поскапи. Сеуште имаме ниска цена на ангажирана енергија, но со вкрстена анализа на заканите можеме да очекуваме поскапувања во овој сектор со што таа предност може во брзо време да се претвори во слабост.

Како голема конкурентска предност можеме да заклучиме дека постои голема флексибилност во работењето и можна е брза промена на стратегијата и брзо донесување на клучни одлуки поради сопственичката структура и организациската поставеноста на печатарските капацитети – семејни бизниси.

Од друга страна, на страна на можностите се појавува намалување на даноците како и влез на странските банкарски брендови. Во блиска иднина би требало да очекуваме драстично намалување на каматите и подостапни извори на финансирање преку нови форми на лизинг на опрема и слично.

Непостоењето на високообразовна институција за графичка индустрија (постои само виша школа) е уште еден огромен недостаток за македонската конкурентност во оваа гранка. Недостасуваат високостручни кадри кои со своето стекнато знаење би довеле до побрз и поквалитетен развој на индустријата.

Доколку продолжиме со анализата, недостапноста на застапничката мрежа во ЕУ можеме да се обидеме да ја елиминираме преку македонските маркетинг агенции кои работат со светски бренд лиценци и со сигурност имаат контакти кај нивните колеги во ЕУ. Исто така од анализата се гледа дека е потребна имплементација на контролни механизми (системи за квалитет ISO9001:2000 и слично) како би се свеле на минимум евентуалните квалитативни грешки во производството а со самото тоа би се редуцирале заканите од скапата правна заштита при евентуални спорови.
Скапите репроматеријали, би можеле да станат подостапни и поефтини со искористување на можностите за отварање на нови пазари и зголемување на обемот на производството.

Исто така, на страната на заканите не можеме да го занемариме ни трендот во идустријата во изминатите години т.н. print on demand. Покрај намалување на цените поради растечката конкуренција и развојот на новата технологија, се смалуваат и количините и роковите за испорака до крајниот корисник со што локалните компании се здобиваат со конкурентска предност, а типот и волуменот на продукти што би можеле ние да ги изработуваме се намалуваат.

Како резултат на оваа анализа можеме да заклучиме дека позицијата не е така лоша, но потребно е исполнување на наведените фактори за да може да се постигнат добри перформанси. Она што јас би го извлекол како заклучок е дека можеби би требало да се направи една SWOT анализа за настап на пазарите во најблиското соседство, пред сé на неразвиените пазари во Косово и Албанија и дури потоа преку зголемување на волуменот на производство како и инвестиции во нова технологија да се обидеме за посериозен влез на пазарите на ЕУ.

 


З А К Л У Ч О К

Од извршеното истражување може да се заклучи дека SWOT анализата е алатка која се користи во менаџментот како информативен инструмент при донесување на стратешки одлуки. Низ дефиницијата и теорискиот разглед беше покажано на кој начин се изведува и поместени беа некои можни прашања и одговори при изработка на една SWOT анализа.

Понатаму, низ примери од практиката беше направена SWOT анализа на македонската печатарска индустрија која даде доста интересни резултати. Нејзината лимитираност во овој правец беше во тоа што прашањата и одговорите беа направени само од мене како автор на овој семинарски труд. Веројатно да беа консултирани и повеќе други извори ќе имаше мали разлики во однос на резултатот, но цврсто сум уверен дека суштината ќе останеше иста. Во овој дел можеше да се забележи важноста на анализата, а не само наведување на фактите. Низ практични примери беше покажано како споредбено и вкрстено да се размислува, како силните страни можат да се претворат во слабости, или пак како можностите да се искористат за елиминација на слабите страни.

Она што може да се заклучи на крајот на овој труд е дека ниеден менаџер не би требало да ја запостави SWOT анализата како алатка, дури и спротивно, би било пожелно менаџерите во секоја компанија да изработуваат SWOT анализи и на себе и на конкуренцијата на регуларни периоди (квартално, полугодишно, годишно). Резултатите кои се добиваат по овој пат претставуваат незабиколив фундамент за донесување на стратешки планови и одлуки.

KORISTENA LITERATURA

-Bnet, http://www.bnet.com
-Mindtools, http://www.mindtools.com
-Netmba, http://www.netmba.com
-Современ менаџмент, второ издание, Gareth R. Jones, Jennifer M. George, Charles W.L. Hill

 

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD