ДРУГИ СЕМИНАРСКИ РАБОТИ
- МЕНАЏМЕНТ - |
|
|
|
Етика во Менаџментот
Бизнис етиката е форма на применета етика која ги испитува етичките принципи
и моралните и етички проблеми кои се јавуваат во бизнис околината. Таа
се однесува на сите аспекти од бизнис светот и е релевантна како за поединецот,
така и за бизнис организациите како целина. Применета етика е дел од етиката
кој се занимава со етички прашања од многу полиња (медицина, техника,
право, бизнис и сл.).
Кај пазарите во 21-от век, се јави потреба за етички бизнис процеси и
акции. Паралелно, се притискаат индустриите да ја подобрат бизнис етиката
преку нови закони и регулативи (на пример повисоките патарини за возила
со поголема емисија на штетни гасови во Велика Британија). Бизнисите често
можат да добијат краткорочна придобивка или конкурентска предност преку
однесување на неетички начин, меѓутоа такво однесување може да ги поткопа
темелите на економијата.
Бизнис етиката може да биде нормативна или дескриптивна дисциплина. Како
корпоративна пракса и специјализација во кариерата таа е повеќе нормативна.
Во академските институции се користи дескриптивниот пристап. Квалитетот
и квантитетот на бизнис етиката го рефлектира степенот на кој бизнисот
сака да се најде во однос на неекономските социјални вредности. Историски,
интерестот за бизнис етиката драматично се зголеми за време на 1980-те
и 1990-те, во големите корпорации и во академските институции. На пример,
денес повеќето вебсајтови на големите корпорации го нагласуваат промовирањето
на неекономски социјални вредности под разни наслови (етички кодекс, код
на етика, социјална одговорност и сл.). Во некои случаи, корпорациите
ги редефинираа своите суштествени вредности со цел да се промовираат одредени
етички принципи.
2. Дисциплини на етиката во менаџментот
2.1. Бизнис етика
Овој дел од етиката се поклопува во одреден дел со филозофијата на бизнисот,
чија цел е да се откријат фундаменталните цели на една компанија. Ако
главната цел на една компанија е да се максимизира приносот на акционерите,
тогаш треба да се смета за неетичко однесување ако компанијата се грижи
за интересите и правата на други.
Главни теми за кои се дискутира се:
- корпоративната социјална одговорност – етичките врски кои постојат
меѓу компаниите и општеството
- проблемите кои се однесуваат на моралните права и должности меѓу една
компанија и нејзините акционери
- етички проблеми кои се јавуваат при односите меѓу различни компании:
на пр. непријателско превземање, индустриска шпионажа.
- лидерство и етичките проблеми поврзани со него
- политичките придонеси на корпорациите
- законски реформи, како етичката дебата за воведување на „корпорациски
геноцид“ во листата на криминални дејствија
- злоупотреба на етичката политика на корпорацијата како маркетинг инструмент
2.2. Етика на сметководствени информации
Оваа област ги разгледува следните проблеми:
- „креативно сметководство“, менаџмент на заработката, финансиски
анализи кои водат до погрешни заклучоци
- инсајдерско тргување, измами поврзани со обврзници, измами на пазарот
за валути
- платите кои ги добиваат генералниот директор и топ менаџментот
- мито и корупција: може да им донесат краткорочни предности на компанијата
и акционерите, но нивното практикување може да биде антикомпетитивно и
против општествените вредности
2.3. Етика на менаџмент на човечки ресурси
Етиката на менаџмент на човечки ресурси ги покрива етичките проблеми кои
се јавуваат при односот вработен-работодавец:
- дискриминација според: возраст, раса, религија, инвалидитет, тежина
или физички изглед
- етички проблеми кои се јавуваат од традиционалното гледиште на врските
меѓу вработените и работодавците, попознато како вработување по волја
- етички проблеми кои се поврзани со претставувањето на работниците и
демократизацијата на работното место
- проблеми поврзани со приватноста на вработените
- проблеми поврзани со приватноста на работодавецот
- етички дилеми кои се однесуваат на фер карактерот на договорот за вработување
и балансот на моќ меѓу вработениот и работодавецот
- професионална заштита и осигурување
2.4. Етика на продажба и маркетинг
Маркетингот, кој се протега подалеку од давање на информации и пристап
до одреден производ, може да манипулира со нашите вредности и однесувања.
До одредена граница ова е прифатено од општеството, но каде точно се протега
таа етичка граница? Маркетинг етиката се поклопува во голем дел со етиката
на медиумите, бидејќи медиумите се користат во маркетиншки цели. Сепак,
етиката на медиумите е многу поширока тема и се простира надвор од областа
на бизнис етиката. Маркетинг етиката се занимава со:
- одредување на цена: фиксирање на цена, ценовна дискриминација, ценовно
маскирање
- анти-компетитивност: е содржана во ценовното одредување, но се движи
и понатаму и покрива етички проблеми како манипулација со лојалноста и
синџирите на набавка
- специфични маркетинг стратегии: „зелено рекламирање“, „мамка и замена“,
спам, пирамидална шема, намерно продавање на неисправен производ и сл.
- содржината на рекламите: потсвесни пораки, употреба на секс во рекламните
пропаганди, производи означени како неморални или штетни
- децата и маркетингот: маркетингот во училиштата
- црни и сиви пазари
2.5. Етика во производството
Овој дел од бизнис етиката се справува со должностите на компанијата да
се осигури дека производите и нивносто производство нема да бидат штетни.
Некои од моралните дилеми произлегуваат од фактот што секогаш постои степен
на опасност кај било кој производ или производен процес и е тешко да се
определи степенот до кој ќе биде поставена границата, тој степен се менува
со технологиите за превенција или промената на социјалната перцепција
за прифатлив ризик. Главни полиња на занимање:
- дефектни, производи и услуги што предизвикуваат зависност и инхерентно
опасни производи и услуги (тутун, алкохол, оружје, моторни возила, банџи
џампинг)
- етички врски меѓу компанијата и животната средина: загадување, етика
на животната средина, тргување со емисијата на јаглерод диоксид
- етички проблеми кои произлегуваат од новите технологии: генетски модифицирана
храна, радијација од мобилни телефони
- етика на тестирањето на производи: тестирање на нови производи на животни,
употреба на економски непривилегирани групи за објекти на тестирање
2.6. Етика на интелектуална сопственост, знаење и вештини
Знаењето и вештините се вредни, но не може да се поседуваат како што се
поседуваат предмети. Исто така, не може да се определи кој има повеќе
право на одредена идеја: компанијата која го истренирала вработениот или
самиот вработен? Државата во која никнало растението или компанијата која
го открила и развила неговиот медицински потенцијал? Како резултат на
ова се јавуваат етички недоумици во врска со сопственоста:
- патентирање, дозвола за копирање, заштитни знаци
- злоупотреба на системите на интелектуална сопственост
- грабеж на работници: постапката на привлекување вработени кои работат
кај конкуренцијата со цел да се искористат знаењето и вештините кои ги
поседуваат на нефер начин
- постапката на вработување на сите најталентирани луѓе во одредена област,
без разлика што не се потребни, со цел да се спречи нивно вработување
кај конкуренцијата
- бизнис и индустриска шпионажа
2.7. Етика на меѓународниот бизнис
Бизнис етиката се јави во 1970-те, додека етиката на меѓународниот бизнис
се појави дури во доцните 1990-ти, навраќајќи се на интернационалниот
развој во таа декада. Многу практични проблеми се јавија од меѓународниот
контекст на бизнисот. Теоретските проблеми, како културна релативност
на етичките вредности, се големи. Проблемите со кои се занимава се:
- потрага по универзални вредности како основа за меѓународно комерцијално
однесување
- споредба на етичките традиции на бизнисот во различни земји
- споредба на етичките традиции на бизнисот од различни религиозни перспективи
- етички проблеми кои се јавуваат од меѓународни бизнис трансакции
- проблеми како глобализација и културен империјализам
- варирачки глобални стандарди (на пример употребата на детски труд)
- начинот на кој мултинационалните компании се справуваат со интернационалните
разлики, како пренасочување на производството кон земји со стандард на
ниски плати
2.8. Етика на економски системи
Оваа нејасно определена област е местото на кое бизнис етицистите се
нурнуваат во политичката економија и политичката филозофија, фокусирајќи
се на карактеристиките на различни економски системи при дистрибуција
на економските бенефиции.
3. Теоретски проблеми во бизнис етиката
3.1. Конфликт на интереси
Бизнис етиката може да биде истражувана од различни перспективи, вклучувајќи
ги меѓу нив перспективата на вработените, комерцијалниот сектор и општеството
како целина. Многу често, се случуваат ситуации на конфликт меѓу две страни,
такви што служењето на интересите на едната страна е штета за другата
страна. На пример, одреден исход може да биде добар за вработениот, но
тој може да биде лош за компанијата или општеството и обратно. Некои етичари
ја гледаат улогата на етиката во хармонизација на конфликтот на интереси.
3.2. Eтички проблеми и пристапи
Филозофите и други не се согласуваат за целта на бизнис етиката во општеството.
На пример, некои велат дека главната цел на бизнисот е да го максимизира
приносот на неговите сопственици или во случај на јавно поседувано друштво
на неговите акционери. Според ова гледиште, само тие активности кои ќе
ја зголемат профитабилноста и вредноста на акционерите треба да бидат
извршени, бидејќи секоја друга активност делува како данок на профитот.
Некои веруваат дека единствените компании кои ќе успеат да преживеат на
компетитивен пазар се оние кои ја поставуваат максимизацијата на профитот
над се друго. Сепак, за да го стори тоа фирмата мора да го почитува законот
и да се потчини на основните морални начела, бидејќи ако не го стори тоа
може да подлежи на казни, губење на лиценца за работа или пад на репутацијата
на компанијата. Познатиот економист Милтон Фридман беше основоположник
на ова мислење.
Некои веруваат дека фирмите не се способни да почитуваат морални правила.
Според тоа, етичкото однесување може да се очекува од индивидуалецот,
но не и од фирмата или корпорацијата.
Други теоретичари велат дека еден бизнис има морални должности кои се
поважни од служењето на интересите на акционерите или сопствениците, а
овие должности се повеќе од тоа само да се почитуваат законите. Тие веруваат
дека еден бизнис има морални одговорности кон таканаречените „вложувачи“
(stakeholders), луѓе кои зависат од водењето на менаџментот на бизнисот.
Во нив спаѓаат вработените, потрошувачите, продавачите, локалната околина
или дури и општеството како целина. Тие се делат на примарни и секундарни
вложувачи. Примарните вложувачи се лица кои се директно инволвирани, додека
секундарни се лица кои не се директно под влијание на работењето на компанијата.
Се вели дека вложувачите имаат одредени права со оглед на тоа како работи
компанијата, некои дури велат дека тоа значи и право на управување.
Некои теоретичари основаа теорија на социјален контраст на бизнисот. Според
оваа теорија, компаниите станале квази-демократски асоцијации, а вработените
и останатите вложувачи заслужуваат глас во операциите на компанијата.
Овој пристап стана доста популарен со заживувањето на теоријата на договор
во политичката филозофија, која најмногу се должи на „Теорија на правдата“
од Џон Роулс (Јоhn Rawls – A Theory of Justice). Професорите Томас Доналдсон
и Томас Данфи предложија верзија за теоријата на договор компатибилна
за бизнис, која ја нарекоа теорија на општествени договори. Тие тврдат
дека спротивните интереси се решаваат на најдобар начин преку формулирање
на „фер спогодба“ меѓу двете страни, користејќи комбинација од макро принципи
на кои би се согласиле сите рационални луѓе како универзални принципи
и микро принципи кои се формулираат со спогодби меѓу засегнатите страни.
Критичарите на оваа теорија велат дека предложувачите на оваа теорија
пропуштиле битен дел од проблематиката. Имено, тие велат дека одреден
бизнис е нечиј имот а не претставува мини-држава или средство за дистрибуција
на општествена правда.
Етички проблеми се јавуваат кога компаниите мора да се соочат или дури
и да влезат во конфликт со правни и културни стандарди во одредена земја,
како што е случајот со мултинационалните компании кои работат во земји
со различни традиции. Се поставува прашањето, дали компанијата да ги почитува
законите од нејзината земја-домаќин или да ги почитуваа поопуштените закони
од земјата во развој каде што работи. Слични проблеми се јавуваат со искористувањето
на детскиот труд, осигурувањето на вработените, работното време, платите,
дискриминација на работното место и законите за заштита на животната средина.
4. Бизнис етика на дело
4.1. Етичка политика во корпорациите
Многу компании имаат формулирано внатрешна политика која го опишува
етичкото однесување на вработените. Овие политики може да бидат едноставни
правила напишани на лесно разбирлив јазик (изјава за етиката на компанијата)
или може да бидат детално разработени политики кои содржат посебен код
за однесување (етички кодекс на компанијата). Тие, во главно се наменети
за идентификација на очекувањата на компанијата од вработените и да им
понудат водство при решавањето на некои од вообичаените етички проблеми
кои може да настанат при работењето. Фирмите се надеваат дека со формулирањето
на вакви политики може да се постигне поголема етичка свесност, постојаност
во почитувањето на нормите и избегнување на етички катастрофи.
Голем број на компании бараат вработените да посетуваат семинари за бизнис
однесување, кои често се состојат од дискусија за политиките на компаниите,
специјални студии и правни рамки. Некои компании дури бараат вработените
да потпишат согласување дека ќе се однесуваат според правилата на однесување
на компанијата.
Многу компании вршат евалуација на факторите од околината кои ги тераат
вработените да се однесуваат спротивно од етичките норми. Околина на компетитивни
бизниси може да бара неетичко однесување. Лажењето е вообичаено во области
како трговијата.
Други веруваат дека корпоративните етички политики имаат корен во уталитаристичките
гранки и дека тие главно постојат да ја ограничат правната одговорност
на компанијата или да се придобие јавноста преку давање на лажен изглед
на добар корпоративен граѓанин. Во идеална ситуација, сите вработени би
ги почитувале правилата и така фирмата би избегнала тужби. Доколку се
случи некоја тужба, компанијата може да тврди дека не би се случил проблемот
ако вработените ги почитувале правилата стриктно.
Понекогаш има несогласувања помеѓу етичкиот кодекс на компанијата и нејзините
акции. Ова во најлош случај ја прави етичката политика со двоен стандард,
а во најдобар случај може да послужи како маркетинг алатка.
За да се биде успешен, повеќето етичари велат дека политиката на фирмата
треба да биде:
- поддржана од топ менаџментот, како на збор така и на дело
- објаснета писмено и усно
- реална – нешто што вработените можат да го разберат и сторат
- надгледувана од топ менаџментот, со рутински проверки
- појачана од јасно изразени последици во случај на непочитување
- неутрална и несексистичка
4.2. Етички офицери
Етичките офицери се вработуваат во организациите од средината на 1980-те.
Еден од катализаторите на креирањето на оваа нова улога во една фирма
беше серијата на скандали поврзани со измами, корупција и злоупотреба
кои ја потресоа воената индустрија на САД во тоа време. Ова доведе до
донесување на иницијатива на воената индустрија која што промовираше и
гарантираше почитување на етичките принципи во бизнисот. Оваа иницијатива
стана пример за менаџирање со етиката во корпорациите. Во 1991 година
беше формирана асоцијација за етички офицери, како професионална асоцијација
за справување со напорите на организациите за постигнување на етичките
цели. Членството во организацијата брзо порасна (таа денес брои 1100 членови)
и набргу стана независна организација.
Друг критичен фактор во донесувањето на одлука за назначување на етички
офицери од страна на компаниите беше законската регулатива во САД од 1991
која ги постави стандардите кои организациите мора да ги почитуваат за
намалување на казната доколку бидат осудени за прекршок. Иако оваа регулатива
беше наменета да им помогне на судиите со одредувањето на казните, нејзиното
влијание во етиката беше подалеку почувствувано.
Во период на бројни скандали во корпорациите меѓу 2001 и 2004 (кој зафати
големи корпорации како Enron, WorldCom и Tyco), дури и малите и средни
компании почнаа да вработуваат етички офицери. Тие одговараат на главниот
извршен офицер и се одговорни за евалуација на етничките импликации од
активностите на компанијата, даваат препораки во врска со етичката политика
на компанијата. Тие се посебно заинтересирани за откривање и спречување
на неетички и незаконски активности.
Ефективноста на етичките офицери на пазарот не е најјасна. Ако назначувањето
е направено примарно како одговор на побарувањата од законската легислатива,
може да се очекува дека ефективноста ќе биде минимална, барем на краток
рок. Делумно, ова се должи на тоа што етичките постапки во бизнисот се
резултат на корпоративна култура која постојано врши вреднување на етичкото
однесување, култура и клима кои обично потекнуваат од врвот на организацијата.
Самото назначување на таа позиција нема да значи само по себе повисоко
ниво на етичко однесување, ќе биде потребна посистематска програма со
постојана поддршка од генералниот менаџмент
5. Религиски погледи за етиката во бизнисот
Историската и глобалната важност за религиските погледи во врска со
бизнис етиката понекогаш се потценети и се кажуваат како вовед во бизнис
етиката. Но, посебно во Азија и Средниот Исток, религиските и културните
перспективи имаат силно влијание на водењето на бизнисот и створувањето
на бизнис вредности. Примерите ги вклучуваат:
- Исламското банкарство, кое се карактеризира со одбивање на наплата
на камата
- Традиционалното конфучијанско негирање на профитот како мотив за некоја
активност
- Квејкерското верување за фер делење
6. Поврзани дисциплини
Бизнис етиката мора да се разграничи од филозофијата на бизнисот, гранката
на филозофијата која ги изучува филозофските, политичките и етичките карактеристики
на бизнисот и економијата. Бизнис етичарите се водат по претпоставката
дека етичкото работење на приватен бизнис е возможно; тие кои ја негираат
оваа претпоставка, на пример либертанските социјалисти (кои велат дека
поимот „бизнис етика“ е оксиморон) го чинат тоа со дефиниции надвор од
оваа област.
Филозофијата на бизнисот бара одговор на прашањата кои се социјалните
одговорности на бизнисот, теорија за менаџмент на бизнисот, теорија на
индивидуализам наспроти теорија на колективизам, слободна волја меѓу учесниците
на пазарот, теории на невидлива рака, барањата за социјална правда и природни
права, посебно правата на сопственост.
Бизнис етиката е, исто така, поврзана со политичката економија, која претставува
економска анализа од политичка и историска перспектива. Политичката економија
се занимава со дистрибутивните последици од економските активности. Таа
бара одговор на прашањата: кој добива, а кој губи од економската активност
и дали резултантната дистрибуција е фер или кои се централните етички
проблеми.
Користена литература:
1. Knight, Frank (1980). The Ethics of Competition and Other Essays.
University of Chicago Press
2. Enderle, Georges (1999). International Business Ethics. University
of Notre Dame Press. pp. 1.
3. George, Richard de (1999). Business Ethics.
4. Rothman, Howard; Scott, Mary (2004). Companies With A Conscience.
Denver, CO: MyersTempleton.
5. Harwood, Sterling (1996). Business as Ethical and Business as Usual.
Belmont, CA: The Thomson Corporation.
6. http://www.stthom.edu/academics/centers/cbes/jonachan.html
7. http://en.wikipedia.org/wiki/Business_ethics
Download
СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » »
Besplatni Seminarski
Radovi - Бесплатно семинарска
работа
SEMINARSKI RAD
|
|