-Идеализам
-Либерализам
-Неолиберализам
-Марксизам
-Теорија на зависност
-Конструктивизам
-Функционализамж
-Неофункционализам
Теориите за меѓународните односи во глобала можат да бидат поделени
на две големи епистемиолошки групи: „позитивистички„ и „пост-позитивистички„.
Позитивистичките теории тежнеат да ги применат методите од природните
науки преку анализата на влијанието на материјалните сили. Тие најчесто
се фокусираат на следните елементи од меѓународните односи: интеракции
помеѓу државите, големината на воените сили, балансот на моќта и сл.
Пост-позитивистичките теории ја отфрлаат идејата дека социјалниот
свет може да биде проучуван на објективен начин кој е ослободен од
вредностите. Овие теории ја отфрлаат централните идеи на нео-реализмот/либерализмот,
како што е теоријата на рационален избор, врз основ на тврдењето дека
научните методи неможат да бидат применети во социјалниот свет и дека
„наука„ за меѓународните односи е невозможна.
Клучната разлика помеѓу овие две позиции е во тоа што, додека позитивистичките
теории, како што е нео-реализмот, нудат каузални објасненија (пр.
Зошто и како се практикува моќта), пост-позитивистичките теории се
фокусираат на конститутивни прашања, на пример - што се подразбира
под „моќ„, што ја сочинува, како се доживува и како се репродуцира.
За време на доцните 1980-те и 1990-те, започнала „Големата дебата„
помеѓу позитивистите и пост-позитивистите, која сеуште е во тек. Во
оваа дебата помеѓу практичарите на меѓународните односи, најчесто
се спротиставува реализмот наспроти другите теории.
Во овој дел ќе бидат изнесени теориите кои најмногу биле користени
од научната јавност во изминатите децении.
Реализам
Иако реалистите не претставуваат една хомогена школа, повеќето од
нив делат најмалку пет клучни стојалишта за меѓународните односи.
За почеток, тие како централни прашања ги гледаат причините за војните
и состојбата на мирот. Исто така тие сметаат дека структурата на меѓународниот
систем е неопходно, а често и доволна за објаснување на многу аспекти
на меѓународните односи. Според класичните реалисти, „структурната
анархија„, или недостигот на централен авторитет кој би ги смирувал
несогласувањата, е основа на современиот систем и дава поттик за покренување
на „дилема за безбедноста„: во системот на само-помош, потрагата за
сигурност на една нација, често, потенцијалните непријатели ги става
во позиција на несигурност, секоја една нација која се стреми кон
абсолутна сигурност ги прави сите други нации во системот абсолутно
несигурни, сето тоа може да даде поттик за започнување на трка за
вооружување и други непријателски реакции.
Напорите за справување со овој централен елемент на меѓународниот
систем, претставува движечка сила во односите помеѓу единиците внатре
во системот, оние кои што неможат да се справат со тоа, нема да преживеат.
Поради сето тоа, за разлика од идеалистите и некои либерали, класичните
реалисти на конфликтот гледаат како на природна состојба во меѓународните
односи, а не како на последица која може да биде припишана на историските
околности, злите лидери, нарушените социо-политички системи, или пак
на нессодветните меѓународни разбирања и едукации.
Следно клучно стојалиште на реалистите е фокусираноста на географско
поврзаните групи како централни актери во меѓународниот систем.
Класичните реалисти исто така се сложуваат дека однесувањата на државите
најчесто се рационални. Претпоставката, која е во позадина на ова
клучно стојалиште, е дека државите се водат по логиката на “националните
интереси“, најчесто дефинирани во рамките на преживувањето, безбедноста,
моќта и релативните можности. Иако националните интереси можат да
варираат во согласност со различните околности, сличноста на мотивите
помеѓу различните нации им овозможуваат на аналитичарите да ја реконструираат
логиката на креаторите на политиките во нивната потрага по националните
интереси.
На крај, државата може да биде концептуализирана како унитарен актер.
Бидејќи централните проблеми на државите се стриктно дефинирани од
природата на меѓународниот систем, нивните акции повеќе претставуваат
одговор на надворешните отколку на домашните политички сили. И покрај
ова гледиште, класичните реалисти понекогаш ја употребуваат и домашната
политика, особено наводниот недостиг на јавно мнение, како преостаната
категорија во објаснувањето на девијациите од “рационалните“ политики.
Реализмот претставувал доминантен модел во меѓународните односи во
изминатите шест децении, бидејќи изгледало дека обезбедувал корисна
рамка за разбирање на пропаѓањето на меѓународниот поредок по Првата
Светска Војна, проследено со повторувачките агресии на Далечниот Исток
и Европа, Втората Светска Војна, како и Студената војна. Сепак гледиштата
на реалистите претрпеле и доста критики, бидејќи на овој поглед му
недостасува прецизност и цврстина.
Критичарите забележале недостаток на прецизност, па дури и контрадикторност
во начинот на кој реалистите ги користат суштинските концепти на “моќ“,
“национални интереси“ и “рамнотежа на моќта“. Тие исто така гледаат
можни противречности помеѓу централните дескриптивни и прескриптивни
елементи на реализмот. Од една страна, нациите и нивните лидери “размислуваат
и делуваат во однос на интересите дефинирани како моќ“, но од друга
страна лидерите на земјите се присилени да применуваат промисленост
и само-ограничување, како и да ги признаат легитимните интереси на
другите нации. Моќта игра главна улога во класичниот реализам, меѓутоа
врската помеѓу релативните баланси на моќта и политичките резултати
често не е несовладлива, поради тоа се јавува потребата на анализите
да им се додадат и други варијабли. Уште поважно е да се направи разлика
помеѓу “моќта како можности“ и “опциите кои што можат да се употребат“,
во овој факт се уверија Соединетите Американски Држави во војната
во Виетнам и Советскиот Сојуз во Авганистан. Терористичкиот напад
од 11 септември 2001 на Њу Јорк и Вашингтон уште подраматично ја илустрираше
разликата помеѓу материјалните можности и политичкото влијание.
Иако класичните реалисти воглавно црпеле податоци и идеи од историјата
и политичките науки, модерните реалисти во потрагата по поголема прецизност
се осврнале кон други науки во потрагата по соодветни модели, аналогии,
метафори и суштини. Најчесто нивна дисциплина од избор претставува
економијата, од која модерните реалисти позајмиле бројни алатки и
концепти, вклучувајќи ги следните - рационален избор, очекувана корисност,
теории за компаниите и пазарите, теоријата за спогодба, како и теоријата
на игра.
Во потрага по нови теории и модели, Мортон Каплан ги опишува следните
модели на меѓународни системи - баланс на моќ, слабо биполарен, цврсто
биполарен, универзален, хиерархиски и единица-вето. Понатаму тој ги
воспоставува основните правила за овие модели. На пример, тој ги дава
следните правила за системот “баланс на моќ“: 1) се зголемуваат способностите,
меѓутоа попрво со преговори отколку со борба; 2) доколку не се успее
да се зголемат способностите се преминува на борба; 3) подобро да
се престане со борбата отколку да се елиминира есенцијален фактор;
4) да се спротистави на секоја коалиција или поединечни инстанци кои
тежнеат да се здобијат со доминантна позиција во системот; 5) да се
ограничат актерите кои се сложуваат со супранационалните принципи;
6) да им се дозволи повторно влегување во системот на оние актери
кои биле победени или ограничувани.
Кенет Валтз во своето дело “Теорија на Меѓународната политика“ прави
значителен напор да развие ригорозен и штедлив модел на “модерен“
или “структурален“ реализам, за кој дебатира во изминатите две децении.
Значителна е неговата работа на теоријата за војните, каде што се
запрашува - Зошто војна? И одговара: Бидејќи нема ништо во системот
што може да ја спречи.
“Теорија на Меѓународната политика“ се базира на аналогности од микроекономијата:
меѓународните политики и надворешната политика се аналогни на пазарите
и компаниите.
Со цел да се избегне скратувањето, а во исто време да се промовира
штедливоста, Валтз ја заснова својата теорија на три клучни претпоставки
кои ја дефинираат структурата на меѓународниот систем. Првата се фокусира
на принципите според кои е подреден системот. Современиот систем е
повеќе анархиски и децентрализиран отколку хиерархиски подреден; иако
единиците (државите) се разликуваат во многу аспекти, сепак се формално
еднакви. Втора дефинирачка претпоставка е карактеристиката на единиците.
Еден анархичен систем е составен од суверени единици и поради тоа
функциите кои тие ги изведуваат се слични едни на други; на пример,
сите имаат за задача да се грижат за сопствената безбедност. Спротивно
на ова хиерархискиот систем би бил окарактеризиран со некој тип на
поделба на работата. На крај, постои дистрибуција на способностите
помеѓу единиците во системот. Иако способностите се атрибути на ниво
на единица, дистрибуцијата на способностите е концепт на ниво на системот.
Промена во било кој од овие елементи претставува и промена во структурата
на системот. Според Валтз, клучна улога во неговиот модел игра третиот
атрибут, односно дистрибуцијата на способностите
Валтз ја користи својата теорија за да изврши дедукција на централните
карактеристики на меѓународните односи. Ова вклучува и некои не така
очигледни предлози за современиот меѓународен систем. На пример, со
почит кон стабилноста на системот (дефинирана како одржување на неговиот
анархичен карактер и без никакви последователни варијации во бројот
на главните актери) тој го заклучува следното, бидејќи биполарниот
систем ја намалува несигурноста, тој е постабилен отколку алтернативните
структури. Понатаму тој тврди дека бидејќи меѓузавсноста бележи пораст
во дваесетиот век, овој тренд всушност допринел за стабилноста, исто
така тој го брани ставот дека развојот на нуклеарното оружје повеќе
го поткрепува отколку што го нарушува системот на стабилност.
Меѓутоа многу критичари го оспоруваат системот на Валтз дека е премногу
статичен, како и дека неговите три дефинирачки карактеристики на системот,
не се доволно сензитивни за да ги детектираат промените.
Роберт Гилпин е еден од критичарите на делото на Валтз, иако и самиот
ги поддржува принципите на модерниот реализам. Негово најпознато дело
е студијата со наслов - “Војна и промената во Светските политики“.
Тој воглавно превзема од теориите од економијата и социологијата,
па го заснова сопствениот модел на пет суштински компоненти. Првата
компонента е дека меѓународниот систем е во состојба на еквилибриум
ако ниту една земја не смета дека би профитирала доколку го промени.
Вториот, една држава ќе се обиде да го промени системот доколку очекува
поголема добивка отколку што се трошоците. Поврзано со ова е и претпоставката
дека една држава ќе се обидува да направи промена преку територијална,
политичка и економска експанзија се додека маргиналните трошоци на
понатамошната промена не станат еднакви, или пак ја надминуваат маргиналната
добивка. Уште повеќе, кога ќе се постигне еквилибриум помеѓу трошоците
и добивката на понатамошната промена и кога експанзијата е постигната,
економските трошоци за да се одржува статус-кво ситуацијата (трошоци
за воените сили, подршка на сојузниците и сл.) тежнеат да растат многу
побрзо отколку ресурсите потребни за да се добие таа ситуација. Еквилибриумот
постои во ситуација кога ниту една моќна држава смета дека промена
во системот ќе вроди со дополнителни нето добивки. На крај, ако резултирачкиот
нарушен еквилибриум помеѓу постоечката власт на меѓународниот систем
и редистрибуцијата на моќ не е разрешен, системот ќе биде променет
и ќе биде воспоставен еквилибриум кој ќе ја рефлектира дистрибуцијата
на релативните можности.
За разлика од Валтз, Гилпин во објаснувањето на промената ги вклучува
и процесите кои се одвиваат на ниво на држава. Различните стапки на
економски раст помеѓу нациите игра главна улога во неговите објаснувања
за растот и падот на големата моќ, но во исто време неговиот модел
ги вклучува и претпоставките за законот за намалување на инвестициите,
улогата на богатсвото врз борбениот дух како и врз стапката на инвестициите,
како и за структурните промени во економијата.
Глобално Општество, Меѓузависност, Институционализам
Исто како што има неколку варијанти за реализмот, так има и неколку
модели за Глобалното-Општество/Комплексната-Меѓузависност/Либералниот-Институционализам
(ГО/КМ/ЛИ), но во овој текст ќе бидат изнесени две најчести стојалишта.
Сите овие модели всушност ги предизвикуваат првата и третата клучна
претпоставка на реализмот, изјавувајќи дека прекумерното внимание
на прашањата за војната и мирот, како и за нација-држава, создава
еден премногу застарен модел на глобалните односи.
Листата на критични проблеми со кои се соочуваат државите значително
се зголемила за време на дваесетиот век. Според подржувачите на моделите
на ГО/КМ/ЛИ, прашањата поврзани со војната и мирот не се во никој
случај погрешно насочени, меѓутоа тие тврдат дека загриженоста за
добросостојбата, модернизацијата, животната средина, и на нив сличните
прашања, во денешно време се исто така моќни извори за мотивација
и акција. Важно е да се истакне дека потенцијалите за соработка се
поттикнати од сопствениот интерес, а не од некои утописки атрибути
на алтруизам на државните водачи. Градењето на институциите за да
се намали несигурноста, цената на информациите, како и стравот од
перфидноста; подобрената меѓународна едукација и комуникација за да
се намалат стравовите и непријателствата базирани на дезинформациите
и погрешните перцепции; како и позитивните можности од активностите
како што е трговијата, се само од неколкуте начини, кои според претставниците
на ГО/КМ/ЛИ им овозможуваат на државите да се здобијат со заеднички
придобивки и на тој начин да ги намалат, или целосно елиминираат најнепријатните
карактеристики на меѓународниот систем на само-помош. Дифузијата на
знаењето и технологијата, комбинирано со глобализацијата во комуникациите,
во голема мерка ги зголеми очекувањата на народот. Резултирачките
барања ги надминаа ресурсите и можностите на суверените држави успешно
да се справуваат со нив. Меѓузависноста и градењето на институцијата
потекнуваат од немоќта на дури и најмоќните држави сами да се да се
справуваат со разновидните проблеми како што се тероризмот, трговијата,
имиграцијата, заканите по животната средина, СИДА-та и новите соеви
на туберкулоза.
Паралелно со проширувањето на агендата на критичните проблеми се
одвива и процесот на експанзија на актерите чие однесување може да
има значително влијание и надвор од националните граници. Всушност
кумулативните ефекти од делувањето на овие актери можат да имаат длабоки
влијанија во меѓународниот систем. Според ова може да се каже дека
иако државите сеуште се најважните меѓународни актери, нивната способност
да ја контролираат сопствената судбина постојано опаѓа. Збирниот ефект
од акциите на бројните актери кои што не се држави, може да има моќен
ефект кој ги надминува политичките граници. Во овие актери можат да
припаѓаат моќни и видливи не-државни организации, како што е ОПЕК,
организацијата на земји производители на нафта, или пак Палестинската
Ослободителна Организација, меѓутоа тука може да припаѓаат и тајни
организации како што е Ал Каеда групата, која што ја превзема одговорноста
за терористичките напади на 11 септември. Од друга страна пак, кумулативниот
ефект од одлуките на помалку моќни актери може исто така да предизивика
длабоки меѓународни последици. На пример, одлуките на илјадници поединци,
заеднички фондови, банки, пензиски фондови и други финансиски институции
да ги продадат осигурувањата на 19 Октомври 1987, не само што без
преседан предизвика пад на Вал Стрит берзата, туку само за неколку
часа последиците беа почуствувани низ глобалниот финансиски систем.
Потешкотиите за да се задржат економските проблеми во границите на
една држава се покажаа преку меѓународните последици предизвикани
од кризата во Тајланд, Мексико и Русија во доцните 1990-ти години.
Проширената агенда на критични прашања, кои не можат да се решат
на чисто национално ниво, исто така доведе до созадавање на нови актери
кои ги надминуваат политичките граници. Пример за тоа се - меѓународните
организации, транснационалните организации, невладините организации,
мултинационалните корпорации, и на нив сличните. Поради горенаведеното,
фокусот само врз прашањето за војна/мир не само што не успева да ја
долови комлексноста на современиот меѓународен живот, туку на аналитичарите
не им ги прикажува институциите, процесите и нормите кои само-заинтересираните
држави може да ги користат со цел да ги ублажат карактеристиките на
анархичниот систем. На кратко кажано, според перспективите на ГО/КМ/ЛИ,
аналитичарите на делумно глобализираниот свет можат да ги вклучат
елементите на реализмот (анархијата, само-интересот, рационалноста
и сл.) како појдовни точки, меѓутоа овие елементи не се доволни за
соодветно разбирање на меѓународниот систем.
Моделите не ГО/КМ/ЛИ претпоставуваат дека меѓународното однесување
и резултатите потекнуваат од многубројни мотиви, а не само од императивите
на системните баланси за моќ. Овие модели исто така предупредуваат
на фактот дека значајните меѓународни процеси не потекнуваат само
од акциите превземени од страна на државите, туку исто така и од кумулативното
однесување на другите актери. Овие модели им овозможуваат на аналитичарите
да работат со поширока агенда на критични прашања. Моделите исто така
наведуваат да се размислува за побогата листа на барања, процеси и
резултати, отклоку што наведува моделот на реализмот. Поради тоа тие
се посензитивни кон можноста дека политиките на трговијата, валутите,
имиграцијата, здравството, животната средина, или енергијата можат
значително и суштински да се разликуваат од оние кои се типично поврзани
со прашањата на безбедноста.
Точката на некои несогласувања поврзани со иднината на нација-држава,
се поврзуваат тука под насловот на ГО/КМ/ЛИ. Државата им служи како
појдовна точка на аналитичарите кои се фокусираат на начините како
овие само-заинтересирани актери можат да се стремат кон добивки или
намалување на ризиците и несигурноста, преку различни средства, вклучувајќи
го и процесот на создавање на институциите. Тие ја согледуваат важноста
на нација-државата како таква, најмалку во догледна иднина.
Други теоретичари сметаат дека суверените територијални држави се
наоѓаат во процес на иреверзибилно пропаѓање, делумно поради фактот
што револуцијата во комуникациите ги прошири хоризонтите и обезбеди
конкуренција на лојалноста на граѓаните кон државата, делумно поради
фактот што државите се се повеќе неспособни да ги задоволат потребите
на сопствените субјекти. Меѓутоа, “револуцијата на зголемените очекувања“
не се однесува само на помалку развиените држави. Нивен е и широко
користољубивиот поглед на државите, во кои националните чувства и
лојалноста се засновани на одговорот на прашањето: “што сте направиле
вие за мене во последно време?“ Сепак, овие аналитичари можеби ги
потценуваат потенцијалите на национализмот и долготрајноста на државите.
Објективно гледано, национализмот можеби веќе претставува анахронизам,
меѓутоа било да е тоа добро или лошо, сеуште постојат моќни лојалитети
кои се прикачени кон државите. Тврдењето дека територијлната држава
е во иреверзибилно пропаѓање не е целосно убедлива, најмногу поради
фактот што дури и некои добро востановени нации доживеале движења
за независност од страна на сопствените етнички, култоролошки или
религиозни малцинства. Практично во сите региони на светот постојат
групи кои тежнеат да ги основаат или возобноват географски заснованите
ентитети, во кои членовите би уживале статус и привилегии кои ги гарантира
суверената територијална држава. Настаните кои се случија од 1989
година во Источна Европа, делови на поранешна Југославија и Советскиот
Сојуз, Палестина, Шри Ланка, Ирак, Квебек, Турција и на други места,
сугерираат дека можеби е малку прерано да му се пишуваат некролози
на национализмот.
Исто така, прерани се тврдењата дека моќните ненационални актери како
што се мултинационалните корпорации (МНК) наскоро ќе ги надминат нациите-држави.
Можеби изгледа дека меѓународните кругови на дрогата можат да им се
спротистават па дури и да доминираат со националните власти на Колумбија,
Панама и некои други држави. Меѓутоа резултатите од конфронтациите
помеѓу МНК и државите, вклучувајќи случаи на големи експропријации
на корпоративната сопственост, укажуваат дека дури и релативно слабите
нации не се секогаш само несреќни пиони во шемите на МНК. Од друга
страна пак, терористичките напади од 11 септември уште еднаш покажаа
дека дури и најмоќните држави, кои уживаат погодни географски позиции
не се во состојба да пружат максимална безбедност на своите граѓани.
Можеби парадоксално, но овие напади и одговорот кој следеше по нив,
уште еднаш ја потврдија важноста на државата во светската политика.
Марксизам, Свестки Системи, Зависност (M/СС/З)
Во овој дел од текстот ќе бидат презентирани само заедничките карактеристики
на овие три теории. Овие модели исто така се спротиставуваат на моделот
војна/мир и државно централистичкото гледиште, кои ги нуди реализмот,
но се спротиставуваат на начин кој остро се разликува од гледиштата
на ГО/КМ/ЛИ. Наместо да се фокусираат на војна/мир моделот, овие теории
го насочуваат своето внимание кон сосема други прашања, вклучувајќки
ги - нееднаквиот развој, сиромаштијата и експлоатацијата внатре во
и помеѓу нациите. Овие услови потекнуваат од динамиката на начините
на производство и размена, тие мора да бидат вклучени во секоја анализа
на конфликтите внатре во нацијата и помеѓу нациите.
Според присталиците на овие модели, клучните групи внатре и помеѓу
нациите се класите и нивните застапници.
“Светскиот капиталистички систем“ е карактеризиран со силно нееднаква
поделба на работата помеѓу периферијата и центарот. Оние на периферијата
се секогаш оние кои ја црпат водата и кои ги сечат дрвата, а додека
вторите се оние кои си ја присвојуваат придобивката од целокупната
светска економија. Оваа критична карактеристика на светскиот систем
не само што го формира и продлабочува јазот помеѓу богатиот центар
и сиромашната периферија, туку и формира врска на меѓузависност од
која богатиот центар никако не би се ослободил. Друг фактор е класната
структура во центарот, карактеризирана со растечки јаз помеѓу капиталот
и работата, оваа структура се репродуцира и во периферијата, така
да елитите од периферијата ги делат интересите со еднаквите на себе
од центарот и така го одржуваат системот. Така да во спротивност со
реализмот, моделите на М/СС/З во себе ги вклучуваат теориите на глобалната
и домашната арена.
Моделите на М/СС/З биле и се предмет на силни критики. Државата, национализмот,
дилемите околу безбедноста и сличните проблеми, овие модели ги ставаат
на периферијата а не во центарот. Валерстеин изјавува: “Капитализмот
од секогаш бил прашање на светската економија, а не на нациите-држави“.
Доблест на овие теории е што тие даваат долгорочна историска перспектива
на свестките односи, а не се фокусираат само на современите прашања.
Сепак, со тоа што ги занемаруваат концептот на нација-држава и динамиките
кои потекнуваат од нивните напори да се справат со безбедноста во
анархичниот систем - или пренасочувајќи ги овие актери и мотивации
на минорна улога - М/СС/З моделите оставаат многу отворени прашања.
Доказ дека солидарноста помеѓу класите беше надмината од националните
чувства е отцепувањето на Полска, Унгарија, Чекословачка или Естонија
од сојузот со Советскиот Сојуз, иако сите овие земји преживеаја две
генерации под водство на Комунистичката партија.
Конструктивизам
Конструктивизамот е релативно нова теорија, која се обидува да даде
нов и значаен приод кон светските политики.
За разлика од многу “пост-модернисти“, повеќето приврзаници на конструктивизамот
работат во склоп на теоретските и епистемиолошките рамки на социјалните
науки. Овие теоретичари се обидуваат да го прошират, а не да го поткопаат
делокругот на останатите теоретски перспективи. Конструктивистите
не сочинуваат една монолитна перспектива, туку сите тие делат неколку
клучни идеи, од кои првата е дека средината во која делуваат државите
е социјална и идеалистичка колку што е и материјална. Парите се добар
пример за конструкцијата на социјалната реалност. Ако парите се ограничени
на метали како што се златото и среброто, тогаш тие имаат вредност
бидејќи самите метали се вредни, а нивната употреба претставува средство
за размена. Од причини да се поедностават работите и да се прошири
снабдувањето со пари, модерните влади одредиле парчиња на обоена хартија
и ефтини метали да служат како пари, иако тие самите немаат никаква
сопствена вредност. Фактот што тие се вредни и можат да бидат користени
како медиум за размена е резултат на конструкцијата на економската
реалност.
Во истакнувањето на конструкцијата на социјалната реалност, застапниците
на овие теории ја предизвикуваат материјалистичката основа на горенаведените
приоди. Бидејќи социјалното му дава смисла на материјалното, многу
клучни концепти, вклучувајќи ги анархијата, моќта, националните интереси,
безбедносните дилеми, и други, се гледаат како социјално конструирани,
а не како неизбежни последици на структурата на системот. Уште повеќе,
се тврди дека интересите и идентитетите - на пример, кои се одредени
како “сојузници“, а кои како “непријатели“ - се исто така социјални
конструкции, производ на човечките ресурси, а не одредени од структурата.
Овие концепти јасно можат да се согледаат од популарното дело на Александар
Вендт - “Анархијата е она што Државата прави од неа“.
Вендт предочува дека поради фактот што анархијата може да има повеќе
значења за различни актери, таа може да поттикне многу поширок дијапазон
на однесувања, отколку што се предвидени со реализмот.
Конструктивистите исто така укажуваат дека идеите и нормите можат
да се натпреваруваат со, да ги обликуваат или да ги надополнуваат
материјалните интереси.
До сега, конструктивизмот повеќе претставува приод отколку теорија.
Тој бил користен за анализирање на потеклата, развојот и последиците,
за нормите и културите во широк дијапазон на средини. Конструктивизмот
нуди богат допринос кон тековните дебати за тезата на “демократскиот
мир“. Пристапот на конструктивистите е релативно нов, меѓутоа има
доста сличности со почитуваните стојалишта на социјалните науки дека
сите ние ја перцепираме нашата средина преку призмата на системите
на верување, или со други зборови кажано: “Светот е онаков каков што
ние мислиме дека е, а не каков што е реално, тоа ги одредува нашите
однесувања“. Ова исто така ја илустрира тенденцијата на секоја нова
генерација на политички научници да повторно го открива тркалото,
ако не цело барем делови од него.
Донесување на одлуки
Многу застапници на реализмот признаваат дека тој неможе да понуди
фина структурна анализа на однесувањето на надворешната политика и
дури Валтз негира дека е пожелно и дури возможно да се комбинираат
теориите за меѓународните односи и надворешната политика. Моделите
на Донесување одлуки ги предизвикуваат стојалиштата дека е корисно
државата да се концептуализира како унитарен рационален актер чие
однесување може соодветно да биде објаснето преку структурата на системот,
бидејќи поединците, групите и организациите кои делуваат во име на
државата се исто така чувствителни на домашниот притисок и ограничувања,
вклучувајќи ги одржувањето на елитите, избирачките политики, јавното
мислење, групите од интерес, идеолошките преференци и бирократските
политики. Суштинските коцепти, како што се “националните интереси“
не се дефинирани само од меѓународниот систем, многу помалку само
од неговата структура, туку тие исто така ги рефлектираат елементите
од домашната политичка арена. Сумарно кажано, наместо како што реалистите
претпоставуваат дека државата може да биде претставена како “црна
кутија“ - дека домашните политички процеси се непотребни во објаснувањето
на изворите на надворешното однесување на државата - аналитичарите
на донесувањето на одлуки веруваат дека овие внатрешни процеси мора
да се земат во предвид, со особено внимание кон креаторите на политиките.
Во изминативе две децении се појави обемна литераура и жешки расправии
на темата на “демократскиот мир“. Ова потекна од наодите дека иако
демократиите не се помалку подложни на започнување војна, тие сепак
не војуваат помеѓу себе. Некои од дебатите се водат за ситници (дали
про-форма објавата на војна од страна на В. Британија кон Финска за
време на Втората Светска Војна претставува клучен случај кој го негира
“демократскиот мир“?), меѓутоа дел од дебатите вклучуваат централни
прашања, како што е улогата на институциите (транпсаретноста во креирањето
на политиките) во ублажувањето на стравот од перфидноста, или пак
улогата на нормите (културата на компромисот) во намалувањето или
елиминирањето на војни помеѓу демократиите. Доволно е да се каже дека
подржувачите и критичарите на тезата за демократскиот мир најмногу
се наоѓаат околу реалистично-либералните линии. Со тезата за демократскиот
мир особено не се согласуваат реалистите. Ова најдобро се воочува
од забелешката на Валтз: “Ако тезата за демократскиот мир е точна,
тогаш теоријата на структурниот реализам е погрешна“. На ниво на политиките,
малку реалисти ја прифаќаат цврстатат приврзаност на администрациите
на Клинтон и Буш кон надворешната “промоција на демократијата“ како
витална цел на Американската дипломатија, барем на реторичко ниво,
која реалистите обично ја критикуваат како покана за безнадежен крстоносен
поход, или како “интернационална социјална работа“ која би одговарала
за Мајка Тереза, меѓутоа не и за најголемата светска велесила.
За да се нарави реконструкција за начините на кои нациите се справуваат
една со друга, неопходно е ситуацијата да се разгледува низ очите
на оние кои делуваат во име на државата: донесувачите на одлуки и
групациите, како и бирократско-организациониот контекст во кој тие
делуваат.
Бирократски и организациони политики
Традиционалните модели за комплексните организации и бирократијата
ги истакнуваа придобивките од поделбата на работата, хиерархијата
и централизацијата, придружени со експертизата, рационалноста и послушноста.
Тие исто така тврдеа дека треба да се одржуваат јасни граници помеѓу
политиката и донесувањето на одлуки, од една страна, и администрацијата
и имплементацијата од друга.
Меѓутоа поновите теоретичари ги опишуваат организациите на сосема
поинаков начин. Централното тврдење е дека донесувањето на одлуки
во бирократските организации не е ограничено само од правните и формални
норми кои се со намера да ја зајакнат рационалноста и да ги елиминираат
каприциозните аспекти на бирократското однесување. Постои повеќе нагласување
отколку негирање на политичките карактеристики на бирократиите, како
и на другите “неформални“ аспекти од организационото однесување. Комплексните
организации се составени од поедници и единици кои се со конфликтни
перцепции, вредности и интереси, сите овие можат да произлезат од
тесноградиот само-интерес (“што е најдобро за моето одделение исто
така е најдобро за мојата кариера“), како и од различни перцепции
кои неизбежно потекнуваат од поделбата на трудот (“каде ќе застанеш
зависи од тоа каде седиш“). Организационите норми и сеќавања, посветеноста
на политиката на предимство, инерцијата и стандардните процедури за
работа, можат да ги обликуваат или извртат процесите како што се структурирањето
на проблемите, насочувањето на информациите, употреба на експертизата,
опсегот на опции кои се земаат во предвид, како и имплементацијата
на одлуките донесени на највисоко ниво. Последователно, донесувањето
на одлуки во организациите во суштина е со политички карактер, доминирано
претежно од спогодувањето околу ресурсите, улогите и мисиите, како
и повеќе засновано на компромис отколку на анализа.
Критичарите на организационо-бирократските модели се насочуваат кон
неколку точки. Тие на пример, изјавуваат дека преку истакнувањето
на бирократското нагодување не е возможно да се направи соодветна
разлика помеѓу позициите на учесниците во нагодувањето. Во Американскиот
систем на пример, претседателот не е само уште еден играч во комплексната
бирократстка игра. Не само што претседателот ја има последната одлука,
туку и тој ги одбира другите играчи, процес што може да биде пресуден
во обликувањето на конечните одлуки. Ако Генералот Метју Ридгвеј и
Јавниот обвинител Роберт Кенеди ги одиграа клучните улоги во одлуките
на САД да не интервенира во Индокина во 1954 и да не ја бомбардира
или нападне Куба во 1962, тоа било така бидејќи Претседателите Ајзенхауер
и Кенеди одлучиле да ги прифатат нивните совети, а не советите на
некои други официјални лица.
Овие модели можат да бидат особено корисни во разбирањето на исклизнувањето
што се случува помеѓу извршните наредби и акциите во надворешната
политика, но се помалку корисни во процесот на објаснувањето на самите
одлуки.
Политики на мала група
Друг модел на донесувањето на одлуки користен од некои политички
научници, кој го надополнува бирократско-организациониот модел, преку
стеснување на полето на гледање на одлуките во надворешната политика
на контекст на мала група. Некои аналитичари се воделе од социологијата
и социјалната психологија за да се процени влијанието кое го имаат
различните типови на групната динамика врз донесувањето на одлуки.
Во основа на овие модели се претпоставките дека групата не претставува
само сума од своите членови (последователно и одлуките кои произлегуваат
од групата најверојатно се различни од сугестиите кои би се добиле
од обичен собир на група на луѓе), како и дека динамиката во групата
може да има значително влијание на суштината и квалитетот на одлуките.
Групите често делуваат подобро отколку индивидуите при справувањето
со комплексните задачи, тоа се должи на различноста на перспективите
и талентите, ефективна поделба на работите, како и високо квалитетни
дебати при дефинирањето на ситуацијата и предложувањето на решенија
за справување со истата. Спротивно на ова пак, групите можат да применат
притисок за конформизам со нормите на групата, а преку тоа ја инхибираат
потрагата по информациите и опциите за политиката, отфрлувајќи од
почеток некои опции, отфрлувајќи ги независните проценки, а и супримираат
одредени форми на внатре-групен конфликт кој би можел да биде корисен
во разјаснувањето на целите, вредностите и опциите. Класичните експерименти
покажале до кој размер членовите на групата ќе ги потиснат сопствените
верувања и проценки кога се соочени со мнозинство кое ја подржува
спротивната опција од нивната.
Индивидуални лидери
Други аналитичари на донесувачите на одлуки пак се фокусираат на индивидуалните
донесувачи на одлуки, потенцирајќи го јазот кој го има помеѓу побарувањата
на класичниот модел на рационалното донесување на одлуки од една страна,
и суштинското тело на теорија и доказ за различните потешкотии кои
настануваат дури и при релативно едноставни ситуации на избор. Осврнувајќи
се на когнитивната психологија, овие модели одат многу подалеку од
поранешните формулации кои се основаа на теориите на психодинамиката
во обидот да ги идентификуваат различните видови на психопатологија
помеѓу политичките лидери: параноја, авторитаризам, рефлексија на
приватните мотиви кон јавните објекти и сл. Напорите да се вклучи
однесувањето на процесирање на информации кај индивидуалните донесувачи
на одлуки било насочено кон когнитивните и мотивациските пречки, кои
во различен степен можат да влијаат во изведбата на процесот на донесување
на одлуки кај “нормален“ субјект. Поради ова, вниманието се насочува
кон сите лидери, а не само кон оние кои јасно покажувале симптоми
на клинички абнормалности, како што се Хитлер или Сталин.
Многу предизвици на класичниот модел се фокусираат кон ограничените
човекови можности за објективно и рационално донесување на одлуки.
Когнитивните пречки на рационалноста ги вклучува: ограничувањата на
поединците во примањето, обработката и прилагодувањето на информациите
за тековната ситуација; неможноста да се идентификуваат сите можни
политички алтернативи; како и неможноста приоритетите да се наредат
на единствена скала.
Овие факти потикнаа неколку концепти за донесувачите на одлуки и нивните
стратегии за справување со комплексноста, несигурноста, нецелосните
или контрадикторни информации, парадоксалноста и претрпаноста со информации.
Овие концепти ги прикажуваат донесувачите на одлуки на различни начини
- како решавачи на проблеми, наивни или интуитивни научници, когнитивни
еквилибристи, избегнувачи на несогласувања, трагачи по информации,
кибернетски процесори на информации и неволни донесувачи на одлуки.
Три од овие концепти се особено релевантни за аналитичарите на надворешната
политика. Првиот ги гледа донесувачите на одлуки како “ограничени
рационалисти“, кои повеќе бараат задоволувачки отколку оптимални решенија.
За донесувачите на одлуки не е практично да бараат оптимални решенија,
причина може да биде на пример, трошоците кои ќе ги направат при барањето
на информациите. Поврзан со овој концепт е и концептот кои индивидуите
ги прикажува како се обидуваат да ги поедностават комплексните проблеми
и да најдат пократок пат за решавање на проблемот.
Друг пристап пак гледа на донесувачите на одлуки како на “научници
кои се склони на грешки“, за кои е многу веројатно дека ќе направат
голем број на основни грешки. Овој пристап гледа на донесувачите на
одлуки како на жртви преплавени од правила на одлучувањето без доволно
истражување на информациите. Постојат тенденции да не се искористат
доволно податоци при проценувањето, поради верувањето во “законот
на мали бројки“, да не се искористат доволно информациите за дијагностика,
да се потцени малата веројатност и да се прецени високата веројатност,
како и да се прекршат други потреби кои се неопходни за да се постигне
постојаност и кохерентност.
Крајната перспектива ги истакнува силите кои доминираат со креаторите
на политиките, сили кои тие не можат или не сакаат да ги контролираат.
Донесувачите на одлуки не се рационални сметачи, важните одлуки генерираат
конфликти, а одбивноста да се прават неотповикливи избори често резултира
со однесување кое го намалува квалитетот на одлуките. Овие модели
ги насочуваат аналитичарите кон - системот на верувања кај креаторите
на политиките, претставата за релевантните актери, перцепциите, стратегиите
за обработка на информациите, истражувањето, одредени лични особини
(способност да се толерира двосмисленоста, когнитивната комплексност
и сл.), како и нивното влијание врз процесот на донесување на одлуки.
Покрај оваа разноликост на перспективи и потешкотиите да се одбере
помеѓу когнитивните и мотивационите модели, постои и одредена согласност
за видовите на ограничувања кои можат да влијаат врз процесот на донесување
на одлуки. Една од нив ги вклучува последиците од напорот да се постигне
когнитивна конзистенција на перцепциите и обработката на информациите.
Оваа поврзаност е докажана во неколку експериментални и историски
студии. Донесувачите на одлуки имаат склоност да ги прифатат и толкуваат
информациите на начин тие да се вклопат, а не да ги предизвикаат постојните
верувања, приоритети, надежи и очекувања.
Можеби за надворешната политика најзначајна е основната грешка на
давање атрибути - тенденција да се објасни однесувањето на противникот
во склоп на неговите карактеристики (на пример, нераздвојна агресивност
или непријателство), отколку да се објасни во склоп на дадениот контекст
или ситуација.
Приодите на донесување на одлуки им овозможуваат на аналитичарите
да надминат многу ограничувања од системните модели, меѓутоа овие
модели носат дополниетлно оптеретување со податоци. Исто така, постои
опасноста дека ако само се додаваат нивоа може да се јави несредена
појава на нови категории и варијабли. Тогаш би било тешко да се одреди
кои се помалку а кои повеќе важни. Сепак искуството покажало дека
овие замки можат да бидат избегнати.
Пост-модерни предизвици
Последната дебата во меѓународните односи се пост-модерните предизвици
спрема другите теории и модели. Интелектуалните постановки на пост-модернизмот
највеќе доаѓаат од хуманизмот, меѓутоа тековните дебати одат многу
подалеку од прашањето на хуманистичкото наспроти гледиштето на социјалните
политики во однос на светските политики. Тие се вкоренети во епистемиологијата
на: што можеме да знаеме? Пост-модернистите ги предизвикуваат претпоставките
дека социјалниот свет сочинува еден предмет, позната реалност која
е подложна на систематски опис и анализа.
Некои верзии од пост-модернизмот ги означуваат “доказот“ и “вистината“
како безначајни концепти, а ги критикуваат категориите, класификациите,
генерализацијата и заклужоците. Тие исто така тврдат дека не постои
објективен јазик преку кој може да се пренесе знаењето. Изборот на
јазик неправедно овозможува привилегирани позиции, од една или друга
перспектива. Секој поединец си создава уникатно “читање“ на материјата
која се разгледува, ниту еден од нив не може да биде супериорен над
другите, а не постојат ниту водичи како да се избере правилното читање.
Најголем број од пост-модернистите се доста критични кон другите приоди
бидејќи тие не успеале да дојдат до солидни решенија за најголемите
проблеми на човештвото, вклучувајќи ги војната, сиромаштијата и угнетувањето.
Иако има одреден напредок на ова поле, сепак никој од современите
аналитичари неможе да прогласи победа над овие прашања. Но останува
прашањето - Што нуди нихилизмот на пост-модернистите по однос на овие
прашања? Џарвис ја отсликува оваа поента на следниот начин: Во кој
смисол може пост-модернизмот да биде соодветен за предметот на Меѓународните
односи? Што велат книжевните алатки на иронија и текстуалност за Сомалиските
бегалци кои се протерани од гладта и господарите на војната, или пак
за Етиопските бунтовници кои се борат против владата во Адис Абеба?
На кој начин мислата за текстуалната деконструкција зборува за Србите,
Хрватите и Муслиманите кои се бореа во руините на поранешна Југославија?
Како тоталитарните наративци или бинарната логоцентрична логика ги
прикажуваат појавите на размислувањето за политичките бирократи или
за преговорите кои се однесуваат на меѓународната трговија, или за
формулацијата на меѓународниот закон?
Заклучно со се што беше горе наведено, многу аналитичари тврдат дека
сиромашниот стил на пост-модернистичката проза укажува дека таа ќе
има сосема оскудно влијание на вистинскиот свет.
ЗАКЛУЧОК
Проучувањето на меѓународните односи и надворешната политика секогаш
претставувало еклектичен потфат, со широко позајмување од дисциплините
кои се надвор од политичките науки и историјата. На генерално ниво
може да се каже дека во денешно време постојат два големи приоди,
кои се различни во толкувањето на меѓународните односи. Аналитичарите
од првата школа се фокусираат на структурата на меѓународните односи,
често позајмувајќи модели, аналогии, суштини и метафори од економските
науки. Најголем осврт ставаат на рационалните приоритети и стратегии,
како и на тоа како овие биваат обликувани и попречени од страна на
структурата на меѓународниот систем. Втората група се аналитичарите
на донесувањето на одлуки. Тие искажуваат поголемо внимание кон процесите
на внатрешната политика и тежнеат да позајмуваат од психологијата
и социјалната психологија, се со цел подобро да ги разберат ограничувањата
и бариерите за обработката на информациите и рационалниот избор.
За многу намени и двата приоди се неопходни, а ниту еден сам по себе
не е доволен. Ако се занемари структурата на системот и неговите ограничувања,
можат да се добијат анализи кои ќе ги претстават донесувачите на одлуки
како релативно слободни актери со речиси неограничено мени на избори,
ограничени само од рамките на сопствените амбиции и достапните ресурси.
Спротивно на ова, ако се занемари донесувањето на одлуки во надворешната
политика, никој нема да може во потполност да ја објасни динамиката
на меѓународните односи, а многу важни аспекти од надворешното однесување
на нациите ќе останат необјаснети.
Администрацијата на Џорџ Буш влезе во Белата Куќа со ветување дека
“сентименталната“ политика на претходната администрација ќе ја замени
со “тврдоглав реализам“ базиран на само-одредените национални интереси.
Сепак нивните акции покажаа постојана волја да им се потчинат на интересите
на омилените домашни избирачи, како што се енергијата, челикот, дрвната
индустрија, како и воената индустрија.
Ослонувањето чисто на моделите на реализмот и нивните претпоставки
за рационалноста можат да доведат до негарантиран душевен мир во поглед
на меѓународниот систем. Без двојба е фактот дека нуклеарните оружја
и другите карактеристики на меѓународниот систем придонесоа за “долготраен
мир“ помеѓу големите сили. Но во исто време, сепак, малиот фокус врз
балансите на моќ, “корелацијата на силите“, како и врз други карактеристики
на меѓународниот систем, можат да резултираат со занемарување на опасностите
- на пример, командата, комуникациите, контролата, проблемите со разузнавањето
или неадекватна обработка на информациите - кои можат да бидат идентификувани
и анализирани само од перспективата на донесување на одлуки.
На генерално ниво, овој заклучок соодветсвува со заклучокот даден
пред три децении од најистакнатиот современ застапник на модерниот
реализам: Третата слика (структурата на системот) е неопходна за разбирање
на контекстот на меѓународното однесување, додека првата и втората
слика (донесувачите на одлуки и домашните политички процеси) се неопходни
за рабирање на динамиката внатре во системот.
Признат историчар на дипломатијата изјави дека повеќето од теориите
за меѓународните односи паднаа на најважниот испит со тоа што не го
предвидоа завршувањето на Студената војна. Преку овој заклучок се
поставува и прашањето за тоа колку добро можат претходно наведените
теории да им помогнат на научниците и теоретичарите во разбирањето
на светот по Студената војна. Драматичните настани од крајот на 1980-те
години поставија сериозни предизвици за неколку теории на ниво на
систем. Во 2002 година, само една деценија по распадот на Советскиот
Сојуз и една година по терористичките напади на 11 Септември, се потврди
тврдењето дека особено внимателно треба да се земе изјавата дека крупните
настани и трендови се иреверзибилни.
Теориите на Глобално Општество/Меѓузависност/Либерален Институционализам
поминаа релативно подобро отколку структурниот реализам или различните
Марксистички теории. На пример, создавањето на Светската Трговска
Организација и напредокот во процесот на економско соединување на
Европа, изгледа значително придонесоа во поткрепа на тврдењата дека
дури и во еден анархичен свет, големите сили можат да увидат дека
е во нивен само-интерес да основаат и одржуваат институции за соработка
и надминување на пречките од проблемот на “релативна добивка“. Тезата
на Вудроу Вилсон дека демократскиот свет ќе биде помирен свет исто
така доживува потврда, барем помеѓу аналитичарите кои придаваат значение
на фактот дека демократските нации се во можност да востановат “зони
на мир“ помеѓу нив.
Вилсоновата дијагноза дека само-определувањето го подржува мирот
може да биде само делумно точна, но универзална примена на овој принцип
не ниту одржлива ниту пожелна, бидејќи многу често може да резултира
со големи крвопролевања. Мирните разводи помеѓу Норвешка и Шведска
во 1905 година, како и помеѓу Чешка и Словачка во 1992 година за жал
не претставуваат универзални норми. Иако навидум изгледа дека економските
интереси почнуваат да доминираат над националните, етничките или религиозните
страсти помеѓу повеќето индустриски демократии, овие докази се далеку
од потврдни во други краеви, вклучувајќи делови од поранешниот Советски
Сојуз, поранешна Југославија, Централна Европа, Блискиот Исток, Јужна
Азија и Африка.
Неодамнешните случувања создадоа особено тешки предизвици за структруниот
реализам, иако обезбедува штедлива и елегантна теорија, сепак изгледа
дека неговите недостатоци се повеќе ќе доаѓаат до израз во светот
по Студената Војна. Многу е веројатно дека се повеќе до израз ќе доаѓаат
неговите слабости во поглед на справувањето со прашањата за промените
на системот, како и во специфицирањето на приоритетите во политиката,
освен за преживување и безбедност. Изгледа дека нео-реализмот нуди
уште повеќе слаби и погрешни ставови отколку класичниот реализам.
На пример некои од препораките на нео-реалистите звучат сосема непромислени,
како што се - да и се дозволи на Германија да се приклучи во клубот
на нуклеарни земји, или Украина да се присили да го задржи својот
нуклеарен арсенал. Одредени настани што се случија на светската сцена
едноставно не можат да се објаснат со структрурниот реализам, тука
спаѓаат Европската економска соработка, како и помирувањето на Советите
со распадот на нивната империја и мирната трансформација на структурата
на нивниот систем. Опстојувањето на НАТО и повеќе од една декада откако
исчезна заканата, која всушност го предизвика и неговото создавање,
сосема ги оспори предвидувањата на реалистите дека нема долго да постои
по крајот на Студената војна. Во 1993 година Валтз изјави: “Можеби
деновите на НАТО не се избројани, меѓутоа неговите години се“. Проблемот
неможе да се реши со дефиницијата: НАТО повеќе не е алијанса бидејќи
неговиот оригинален непријател пропаднал. Ниту пак теоријата може
да биде спасена со следната тавтологија: тврдењата дека Студената
војна заврши, токму како што предвидоа структурните реалисти, “само
кога исчезна биполарната структура на светот“. Овие развитоци на ситуациите
особено укажуваат, бидејќи структурниот реализам исклучиво се промовира
како теорија на големите сили.
Уште поважно, иако не може да се отфрли можноста за војна помеѓу
големите сили, а во исто време процесите на делба можат нуклеарното
оружје да го сместат во рацете на лидери кои малку водат грижа за
одржување на статус кво позицијата, националните интереси и поимот
на национална безбедност се повеќе се дефинираат на начини кои го
надминуваат балансот на моќ, кој се наоѓа во суштината на структурниот
реализам. Проширената агенда на национални интереси, комбинирана со
трендот за поголема демократија во многу делови од светот, предложуваат
дека влегуваме во ера во која меѓународните работи повеќе ќе бидат
обликувани и ограничувани од релативната моќ на домашните сили, отколку
од моќта на системот. Фреквенцата на внатрешни војни кои преминале
во меѓународни конфликти - листата ги вклучува, но не е ограничена
на Сомалија, Хаити, Босна, Афганистан, Руанда, Конго и некои делови
од поранешна Југославија - предочува дека “пропаднатите држави“ можат
да се натпреваруваат со меѓународната агресија за тоа кој е предводник
во главните извори на војната.
Прашањата како што се трговијата, имиграцијата, средината и други,
може да се очекува дека ќе ја засилат улогата на домашните актери
- вклучувајќи ја легислативата, јавното мислење, како и етничките,
религиозните, економските па дури и регионалните групи на интерес
- додека во исто време, тие ќе ја намалуваат способноста на раководните
лица да доминираат со процесите на теренот, што често се случува за
време на војна или криза, бидејќи вештата потрага по националните
интереси изискува тајност, флексибилност, како и способност брзо да
се делува врз основа на тајните информации.
Ако оваа прогноза е точна, таа би требала да ја зајакне вредноста
на моделите на донесување на одлуки кои ги вклучуваат домашните политички
процеси. Какви и да се нивните јаки и слаби страни, овие модели изгледаат
помалку ранливи од големите настани, како што е крајот на Студената
војна. Најголем дел од креирањето на политиките ќе продолжи да биде
правено од страна на лидерите во склоп на мали групи, со поддршка
и ограничувања од страна на бирократите. Дури ако државите мораат
да ја делат централната сцена на меѓународните односи со мноштвото
на актери кои не се држави, концептите на процесот на донесување на
одлуки, како што се обработката на информциите, бирократските политики,
групното размислување и многу други, можат подеднакво да се применат
и на Светската Трговска Организација, НАТО, ОПЕК и на нив сличните.
Научниците кои се занимаваат со политика сеуште не можат да се сложат
за единствен пристап на повеќе нивоа, кој би се однесувал за меѓународните
односи и надворешната политика.
Теориите на Глобално Општество/Меѓузависност/Либерален Институционализам
можат да им бидат од корист на оние историчари на дипломатијата кои
се интересираат за еволуцијата на меѓународниот систем и за растечкиот
јаз помеѓу побарувачките спрема државите и нивната способност да одговорат
на тие побарувања, “јазот на сувереноста“. Може јасно да се увиди
дека во иднина веројатноста овој јаз да се проширува е многу поголема
отколку веројатноста тој да се стеснува. Историчарите на меѓународните
и транснационалните организации исто така можат да најдат интересни
концепти во овие модели
Помалку е јасно од каква корист за историчарите ќе бидат теориите
на Марксизам/Свестки Системи/Зависност. Ако некој има потешкотии во
прифаќањето на одредени претпоставки како точни по дефиниција - на
пример, дека постоел и сеуште постои единствен “свтески капиталистички
систем“ - тогаш е јасно дека таквите анализи ќе бидат со многу недостатоци.
Исто така многу историчари ќе имаат потешкотии во прифаќањето на модели
кои државите ги ставаат на второ место.
Иако трите модели на донесување на одлуки понекогаш вклучуваат жаргони
кои не им се соодветни на историчарите, сепак многу од основните концепти
им се познати на нив. Многу од дипломатските историчари традиционално
се фокусирале на одлучувањето, акциите и интеракциите на националните
лидери кои дејствуваат во контекст на група, како што се кабинетите
или ад хок советодавни тела, како и кои влечат ресурси од такви бирократии
како што се министерствата за надворешни работи и одбрана или вооружените
сили. Трите вида на модели силно се поткрепуваат на психологијата,
социјалната психологија, организационата теорија и други социјални
науки. Преку ова, моделите им отвораат сосема нови и значајни врати
на историчарите на ова поле.
Моделите на донесување на одлуки можат да им одговараат на историчарите
на дипломатијата и од друга значајна причина. Политичките научници
кои се научени да работат со прилично достапните “цврсти“ информации,
како што се: бројките за Бруто домашниот производ, буџетите за одбрана,
број на жртви од битките, приврзаноста на алијансите, гласовите во
ООН, трговијата, инвестициите и на нив сличните, често мислат дека
потребата од податоци за моделите на донесување на одлуки е преобемнa.
Ова токму претставува подрачјето каде што историчарите имаат одлучна
компаративна предност, бидејќи податоците најчесто се наоѓаат на хартиите
или електронските траги оставени од креаторите на политиките, така
да тие треба да се откријат преку архивско истражување.
На крај треба и обратно да се постави прашањето: Не е само прашање
како научниците во политиката можат да им помогнат на историчарите
на дипломатијата, туку треба да се праша како историчарите можат да
им помогнат на научниците од политиката. Научниците кои што се занимаваат
со политика би можеле многу да научат за валидноста на нивните модели
доколку историчарите би ги користеле и би понудиле критична процена
на нивните јаки страни и ограничувања.
Користена литература
- Теории на Меѓународните односи, Оле Р. Холсти;
- Критички Меѓународни теории и конструктивизам, Ричард Прајс и
Кристијан Реус Смит