ГЛАВНА СТРАНИЦА

Seminarski i Diplomski Rad
 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - ИСТОРИЈА
 

МАКЕДОНИЈА ВО ПРВАТА БАЛКАНСКА ВОЈНА

 

Корените на Балканските војни допираат во минатото до последиците од Руско-турската војна од 1877-1878 година, која го означува крајот на Источната криза од 1875-1878 година, една од најтешките кризи во историјата на таканареченото Источно прашање. Прашањето се состоело од три главни елементи: дипломатските битки меѓу Големите сили за влијание во османлиските територии, постепеното пропаѓање на Султановата Империја и националните движења на балканските народи со цел да воспостават своја нација-држава. Кризата од 1875-1878 година ја решаваат Големите сили на Конгресот во Берлин. На него се прогласени независноста на Црна Гора, Романија и Србија кои, исто како и Грција, се здобиле со нови територии, по што биле создадени Кнежевството Бугарија и автономната област на Источна Румелија. Требало да се спроведат реформи и автономија и во другите земји на Високата порта: Албанија, Македонија, Епир и др. Кипар бил предаден на британско управување, а Австро-Унгарија ги окупира Босна и Херцеговина и Нови Пазар.
Македонија од секој пат во историјата била цел на напади, почнувајќи од антиката па се до денешен ден, бидејќи се зборувало оној кој ќе ја има Македонија, ќе владее со Балканот.
Оваа тема е многу важна за сите нас, бидејќи со „мировниот“ договор во Букурешт е направена една многу голема неправда врз Македонците која има огромно влијание врз текот на настаните низ целиот овој временски период од скоро 97 години.
Речиси сите соседи на територијата на Македонија имале свои аспирации кон неа, сето тоа се должело најмногу поради поволната географска местоположба која ја поврзува Европа со Азија и Африка преку морето, плодните земјишта, откривањето на некои рудни богатства, поволната клима, било мамка за сите држави.


1. Македонија во борбата против осмалиското ропство


Положбата која ја зазема Македонија на Балкан-скиот Полуостров и неј-зините природни богатства претставуваа "мамка" за соседите во изминатите два века, а тоа трае во континуитет се до денес. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора пројавија аспирации за освојување на териториите на Балканот кои беа под турско владеење. Првите игри се насочија кон Македонија, а во Црна Гора кон Скадар со околината.
Нивните активности беа насочени најнапред за ослободување на споменатите територии од турската власт за да можат полесно да ги освојат. Тоа беа причините во 1912 година да се оформи четворниот Балкански сојуз кој имаше целосна поддршка од Русија, која се надеваше на посилно влијание на Балканот.
"Ослободување на поробените браќа христијани", "ослободување на националните идеали" беа паролите со кои на почетокот балканските сојузници ги маскираа своите завојувачки цели кон Македонија, подготвувајќи го македонскиот народ "на света војна" за конечно ослободување од неколкувековниот турски јарем.


Балканот пред Балканските војни


Нивните вистински цели најдобро се согледуваат преку тајниот анекс на договорот меѓу Србија и Бугарија во кој се предвидуваше поделба на Македонија. Со тајниот анекс од 13 март 1912 година беше запечатена судбината на македонскиот народ за подолг период. Исто така, изјавата на претседателот на српската влада, Милован Миловановиќ: "Ние сме готови на се, и ќе влеземе во секаква комбинација, со бога или со ѓаволот ако притреба, за да го спречиме решавањето на македонското прашање на штета на нашите животни интереси", или изјавата на претседателот на бугарското Народно собрание, Стојан Данев: "Бугарија ја објави војната, зашто македонските Бугари беа изгубени за нејзината кауза, бидејќи тргнаа по својот пат", ги разоткриваат завојувачките цели на балканските сојузници уште пред почетокот на Балканските војни

2. Балканот пред Балканските војни


Нивните вистински цели најдобро се согледуваат преку тајниот анекс на договорот меѓу Србија и Бугарија во кој се предвидуваше поделба на Македонија. Со тајниот анекс од 13 март 1912 година беше запечатена судбината на македонскиот народ за подолг период. Исто така, изјавата на претседателот на српската влада, Милован Миловановиќ: "Ние сме готови на се, и ќе влеземе во секаква комбинација, со бога или со ѓаволот ако притреба, за да го спречиме решавањето на македонското прашање на штета на нашите животни интереси", или изјавата на претседателот на бугарското Народно собрание, Стојан Данев: "Бугарија ја објави војната, зашто македонските Бугари беа изгубени за нејзината кауза, бидејќи тргнаа по својот пат", ги разоткриваат завојувачките цели на балканските сојузници уште пред почетокот на Балканските војни.
Со основањето на ТМОРО во 1893 бил чекор напред во освестувањето на Македонците. Македонија до тој момент била речиси 500 години под турско ропство, а со тоа било тешко да си го зачуваш својот етникум, па така многу често луѓето се определувале само според верата а не според идентитетот. Иако неуспешно, Илинденското востание било голем поттик за разбудување на македонската национална свест. Од големо значење се и Гемиџиите кои сакале да ги свртат погледите на големите сили од светот за решавање на македонското прашање. Еден од клучните моменти пред поделбата на Македонија се Мирцштегските реформи, кои и биле наложени на Турција да ги исполни. Но сепак не го сторила тоа. Турција во тој момент била огромна но сепак многу сиромашна и многу заостаната зад веќе капиталистичката Западна Европа. Тоа било повод за младотурската револуција која ги обединила и муслиманите и христијаните за демократизирање на државата. Но сепак таа наскоро не ги исполнила очекувањата.
Првата конкретна дипломатска поделба на Македонија се случила помеѓу Србија и Грција уште во 1861-1862 година. Тогаш двете држави, Македонија ја разделиле на две сфери на влијание и акција. Македонија на север од линијата Охрид – Горна Џумаја станала српска, а на југ грчка сфера на влијание. Оваа разделничка линија влегла во основата и во српско-грчкиот Сојузен договор и Воената конвенција од 1868 година за војничката акција против Турција.

Истовремено српската влада правела договори и со бугарските политичари. Во преговорите во Букурешт било одлучено да се создаде заедничка српско-бугарска држава, која покрај Србија, Бугарија и Тракија би ја вклучиле и цела Македонија. Меѓутоа со Тајната српско-австро-унгарска конвенција во 1881 година, српско-грчките и српско-бугарските аранжмани почнале да се намалуваат. Во тие времиња Австро-Унгарија се согласила да и „помогне“ на Србија да излезе на Егејско море, што буквално значело и самата да излезе таму.

По нуспешниот обид на Никола Пашиќ во 1889 година да создаде српско-бугарски сојуз против Турција со Спогодба договориле соработка. Сeпак српско-бугарските контакти најконкретен израз за акција во Македонија добиле со Таен договор за сојуз со која била утврдена статус кво позицијата, односно се давало поддршка за продолжување на Мирцштегските реформи во Македонија а се сложиле и да не се дели Македонија. Иако сево ова навидум изгледало од мирољубива страна, сепак се одело кон тоа за поделба на Македонија, користејќи ја тешката положба на Турција на Балканот. Сепак во 1908 година дошле Младотурците на власт во Турција кои предлагале демократизација на Турција. Иако било многу тешко да се случат во тој момент некои посилни реформи сепак постоело страв кај соседите на Македонија од бројноста на Турската армија која само со еден повик би имала војска од еден милион војници, а подоцна и до два милиони. Затоа од тешката положба на Турција, самостојните држави биле принудени кон здружување и забрзување на заедничка воена акција против Турција, во спротивно постоела опасност од големите сили прашањето за Турција да го решат по свој интерес.

Во периодот од 1909-1912 српската влада си поставила цел да се договори со Бугарија за поделба на Македонија со што би излегла на море. Јасно им било дека нема да можат да излезат преку Босна и Херцеговина поради Австро-Унгарија, па своето дејствување го насочиле кон Албанија и Македонија. Линијата би била од Велес кон Охрид со што би имале добра позадина да излезат на Јадранско море преку Албанија. Поради страв од Австро-Унгарија да создаде автономна Албанска држава, тие во 1909 година на Бугарија официјално и понудиле сојуз.

Кон крајот на 1909 и почетокот на 1910 Миловановиќ изнел нова програма за поделбата на Македонија со која се предвидувало поделба по линијата Велес - Охрид, сега се предвидувала поделба по линијата Врање – Демир Капија. Со ова западниот дел на Македонија се до јадранскиот брег да и припадне на Србија, а источниот со Куманово, Солун и Битола на Бугарија. Но Бугарија повеќе ја сакала цела Македонија. Во текот на 1910 дошло до први контакти помеѓу Грција и Бугарија, клучното прашање било на кого да му припадне Солун, а се појавило и незадоволство на Србите бидејќи тие не биле вклучени.

Преговорите за создавање на Балканскиот сојуз започнале есента 1911 година. Особено компликувани биле преговорите меѓу Србија и Бугарија, и тоа поради несогласувањата околу поделбата на Македонија. Под силен притисок на Русија двете страни биле принудени на разни отстапувања. За да започнат преговорите услов било Бугарија да се откаже од прелиминарниот Санстефански Договор и на Србија да и го признае правото на дел од Македонија. Потпишувањето на спогодбата, според бугарската влада, било забрзано од следните причини: таа сметала дека Младотурците ќе го истребат бугарското население во Тракија и во Македонија; дека руско-турските преговори ќе овозможат користење на Босфорот и на Дарданелите на руската флота, со што ќе ја загуби Русија како заштитник на бугарските интереси во случај на војна со Турција, дека врз основа на спогодба меѓу Австро-Унгарија и Романија ќе се овозможи проширување на Романија на бугарска територија и дека Турција ќе отпочне превентивна војна против Бугарија. Сите овие стравови биле оправдани.

Српската влада имала сопствени причини да го забрза потпишувањето на спогодбата со Бугарија.. Грција не го очекувала решението на македонското прашање од Големите сили, меѓутоа во согласност со дотогашната поддршка на грчката политика, особено од Англија, очекувала да го оствари своето територијално проширување на територијата на Македонија. Поради тоа била солидарна со другите балкански држави за создавање балкански сојуз.

3. Првата балканска војна


Непосредно пред објавувањето на Балканската војна по дознавањето за Српско-бугарската спогодба, македонското национално јадро од Битола, односно македонскиот сепаратистички кружок, на 15 август 1912 година испратил Програмско писмо до Другарството и до високи раководни органи во Русија, во кое се наведува дека Балканскиот сојуз е создаден заради поделба на Македонија од страна на Србија, на Бугарија и на Грција, а не за нејзино ослободување. Тие не ја признаваат македонската националност, па сакаат да ја србизираат, да ја бугаризираат и да ја грцизираат. Првата балканска војна формално била започната од страна Кралството Црна Гора на 9 октомври 1912 година, а потоа на 18 октомври се приклучиле и останатите сојузници, што всушност се смета и за почеток на Првата балканска војна.


3.1 Сеопшта мобилизација


На 17 септември 1912 година, бугарската влада објавила сеопшта мобилизација. На сите мобилизациски места пристигнувале Македонци од разни места. Поради нивната голема бројност, началникот на Штабот на бугарската армија генерал-мајор Иван Фичев, наредил да се формираат партизански (доброволни) чети и одреди за дејство од зад грбот на противникот. Задачата му ја доверил на потполковник Александар Протогеров и на мајор Петар Дрвингов. За создавањето на овие чети и одреди, Штабот на бугарската армија доделил 600 пушки и 60.000 лева. На предлог на Протогеров и на Дрвингов, во организирањето на партизанските одреди се приклучиле потполковник Стефан Николов, капетан Димитар Атанасов и капетан Стојан Величков. Од тој состав бил формиран Штаб на партизанските одреди (ШПО).
Петар Дрвингов во Седмичниот билтен за изучување на Турција и нејзината армија бр. 3. од 10 февруари 1911 година, меѓу другото, напишал: Денес македонската емиграција, повеќе од кога и да е порано, завладеана е со мислата дека слободата на Македонија може да се постигне само преку силата на бугарското оружје. Поради тоа, таа емиграција не е за потценување, зашто во време на војна може да одигра решавачка улога. Може да се тврди смело дека не може да се пронајде Македонец, млад или стар, кој не би посакал да влезе во македонските доброволни дружини, кои во војна сигурно ќе се формираат.
Со оглед на тоа дека се работи за искористување на македонската емиграција за бугарски цели, која, сепак, требало да се бори внатре во Македонија, т.е. во тилот на турската војска, бугарската Влада од македонската емиграција формирала доброволни формации што ќе мора сами да се снабдуваат и за чии дела одговорност не сноси Владата. Доколку тие формации бидат примени во редовната армија, Владата ќе мора да се грижи за нив, а тоа би било осудено и од Турција и од другите големи сили и особено од соседните земји што се подготвувале за поделба на Македонија.
На 19 септември 1912 година, односно вториот ден по објавувањето на мобилизацијата, генералот Фичев испратил наредба до Протогеров и до Дрвингов да формираат мали партизански одреди. Дрвингов изготвил ,,Правилник за доброволните чети кои ќе дејствуваат во Македонија и Одринско во ослободителната војна. Во Правилникот, покрај другото, се предвидувало четите да дадат заклетва за верност пред бугарското отечество и пред бугарскиот цар. Клетвата имала двојно значење за македонските четници. Од една страна му се колнат на царот, а не се регуларна војска. Од друга страна, биле обврзани како полноправни војници на бугарската армија, за евентуални престапи да одговараат пред бугарските воени судови.
Според Правилникот на Дрвингов, основна задача на партизанските чети и одреди била да уриваат мостови, железнички пруги, телеграфски и телефонски линии и други објекти од витално значење во тилот на турската војска. Се предвидувало создавање на 52 партизански чети, секоја од по 20 до 30 души, односно вкупно со околу 1.250 души. Војводите имале обврска да го организираат снабдувањето од месни извори и да формираат месни чети. На тој начин, да создаваат мрежи на селски чети по примерот на илинденската ВМРО. Од објавувањето на мобилизацијата на 17 септември, па до 26 септември 1912 година, биле создадени 59 партизански чети. Секоја од нив имала свој редовен број. Паралелно со нив, бил формиран и еден партизански баталјон (составен од две чети) и четири специјални партизански чети.

3.2 Битката кај Куманово

Битката кај Куманово претставува прв поголем вооружен судир во Првата балканска војна меѓу српската и турската војска на 23 и 24 октомври 1912 година.

Првиот ден на Кумановската битка

Во битката кај Куманово на 23 октомври 1912 година 2.000 македонски доброволци, собрани од месното население, од утринските до попладневните часови сами се бореле против турската војска на фронтот кај местото Стревице близу Младо Нагоричане. Така, го спречиле опколувањето на српската војска на која потоа ѝ пристигнало засилување. Во таа борба меѓу Македонците загинале или биле ранети шест војводи и 200 доброволци, но позициите не ги напуштале.
Потоа, околу 10.30 часот на помош на Дунавската дивизија од првиот повик ѝ пристигнала Дунавската дивизија од вториот повик. Дринската дивизија го продолжила настапувањето и со поддршка на артилериски оган ја принудила 17. низамска дивизија на отстапување. Околу 12.30 часот, Дринската дивизија го зазела Ѕебрњак и го продолжила настапувањето кон Големиот Рид, загрозувајќи го левото крило на 5. корпус. Со овој напад бил пробиен фронтот на турската Вардарска армија. Околу 15 часот почнале да се повлекуваат сите турски дивизии, што значело дека Кумановската битка била завршена. Таквиот исход српската Врховна команда не го знаела. Таа и понатаму претпоставувала дека главниот судир ќе се води на Овче Поле. Поради тоа, наместо да го продолжат гонењето, српските сили напредувале само до караулата Бучар Хан кај село Бучинец, на околу 15 км од Куманово кон Скопје, каде што се сместил штабот на Првата. армија и подготвувала план за опколување и освојување на Скопје.
Во исто време и командантот на коњаничката дивизија (Арсен Караѓорѓевиќ) го упатил 3. коњанички полк кон Ѕебрњак, а 2. полк кон Голубица за да ја извидат состојбата. Тие се судриле со силна турска војска и се повлекле зад позициите на Дунавската дивизија од Првиот повик. Вториот баталјон на 18. полк ненадејно поради маглата се судрил со претходницата на 17. Низамска дивизија и бил целосно разбиен. Командантот на 4. баталјон од 18. полк самоиницијативно тргнал на помош, но и тој бил разбиен од 13. низамска дивизија. Тоа создало тешка криза кај Дунавската дивизија, бидејќи на позициите јужно од Куманово, кај Страцин се наоѓал само еден баталјон од 18. полк, а против него напаѓале две турски дивизии. Меѓутоа, турските сили не ја искористиле својата надмоќ.
Зеки-паша ги прекинал натамошните напади и наредил Штипската редифска дивизија (од армиската резерва) да је премине Пчиња и да изврши опфат на левото крило на Дунавската дивизија преку Сртевица, а 7. корпус да изврши посилен демонстративен напад кон десното крило на Првата. армија. Српската команда ги насетила намерите на Зеки-паша и навреме упатила соодветни сили да ги спречат турските пробиви. Ноќта на 23-24 октомври двете страни останале на позициите близу едни до други. Додека на левото крило се воделе жестоки борби, истиот ден на десното крило коњаничкиот полк на Моравската дивизија од Првиот повик при извидувањето на правецот село Ваксинце-село Слупчани бил нападнат со силен оган од артилеријата на турскиот 7. корпус, па морал да се повлече. Поради тоа, Моравската дивизија ги зазела позициите. Таа добила наредба да остане во одбрана, меѓутоа околу 16 часот самоиницијативно извршила противнапад.
Во острата борба во долината на Којнарската река, каде што имало големи загуби на двете страни, турските сили биле присилени да се повлечат. Поради слабите врски, штабот на Првата. армија не располагал со точни информации за состојбата на фронтот. Затоа во духот на директивата на Врховната команда, штабот на Првата. армија издал заповед на 24 октомври во 6.00 часот дивизиите да го продолжат движењето, да го заземат Куманово и да избијат до линијата Булачани-Ново Село-Биљановце-Слатина, а ноќта кога добил извештај од Дунавската дивизија од првиот повик, веќе било доцна нешто да се промени. Додека штабот на Првата. српска армија воопшто не сфатил дека, всушност, започнала битката, Зеки-паша имал впечаток дека таа се развива поволно, па им наредил на корпусите да го продолжат нападот и на 24 октомври. Така завршил првиот ден на битката, во кој Турците ангажирале 50.000 луѓе и 150 топови, а Србите 26.000 луѓе и 60 топови.

Вториот ден на Кумановската битка

На 24 октомври 1912, односно на вториот ден од Кумановската битка, српската Прва. армија тргнала во офанзива. Дринската дивизија од првиот повик го започнала настапувањето во 6.00 часот на правецот Ѕебрњак-Бизлим (Красте кота 530). Шестиот корпус се обидел да ја запре, но не успеал, па таа избила со предните делови до Биљановце и ја принудила Битолската редифска дивизија да се повлече, при што на позициите оставила 9 топа. Моравската прва. дивизија го одбила нападот на 7. корпус и веднаш преминала во противнапад во содејство со Тимочката дивизија од вториот повик. Двете дивизии го принудиле 7. турски корпус да се повлече на утврдените позиции северно од Куманово.
Меѓутоа, околу 13 часот тој бил принуден и од овие позиции да се повлече кон Скопје. На левото српско крило околу 6 часот, 5. и 6. корпус ја нападнале Дунавската дивизија од првиот повик и ја довеле во тешка состојба. Во пресудните моменти, кога 5. и 6. турски корпус ја презеле иницијативата и кога постоела реално опасност српската војска да биде разбиена, ненадејно се појавиле околу 6.000 македонски четници кои со бомби в раце и силни извикувања ја нападнале турската војска во тил. Турците избегале во паничен страв, оставајќи им ги оружјето и опремата на македонските четници. По таа силна победа на македонските четници, српската војска поминала во противофанзива. За оваа силна победа на македонските сили и придонес од стратегиско значење во конечната победа на сојузниците врз турската војска досега не пишувале ни Србите, ни Бугарите.
Главнината на кралската српска војска под команда на принц Александар Караѓорѓевиќ ја нападнала најголемата концентрација на единиците на Отоманската империја во Куманово, во северна Македонија; втората војска минала во Бугарија, а оттаму во Источна Македонија за да ја ослабнат главната турска армија одзади; Косово била целта на третата војска, додека четвртата го зазела Нови Пазар, што преку Санџак ги поврзувал Црна Гора и Србија. Девет дена по почнувањето на насилствата, србите ја разбиле главната сила на Отоманската империја во Куманово. Оваа победа го отворила патот кон Скопје, што набрзо паднало под српска контрола. Македонскиот поход се одвивал во свирепи услови. Дождот и снегот го направиле теренот и патеките калливи. Целиот регион бил покриен со мртви тела на војници, цивили и коњи. Додека се приближувала кон Скопје српската војска го уништувала и убивала локално албанско население. Иако се соочиле со слаб отпор при нивната офанзива северно од Епир и источно од Солун, Грците биле неспособни да ја заземат Јанина, којашто жестоко ја бранел еден турски гарнизон. Додека се пробивале северно он Македонија во правец на Битола, што според српско-грчките сознанија Грците требало да ја окупираат, тие станале единствената војска во Балканскиот сојуз на која Турците им нанеле сериозна воена штета. Од оваа причина, и на големо незадоволство на српската команда, Србите биле тие што требале да се соочат со турската војска кај нејзиното последно упориште во близината на Битола. Tурските сили капитулирале на 18 ноември.
Од Турција најнапред беше побарано да спроведе реформи во областа и провинциите под нејзина власт, а откако ова барање беше одбиено, балканските сојузници во октомври 1912 година и објавија војна. Војната ја започна Црна Гора на 9 октомври 1912 година, а потоа на 18 октомври се приклучија и преостанатите сојузници, што всушност се смета и за почеток на Првата балканска војна. Добро подготвените сојузнички војски за релативно кратко време ја скршија воената моќ на Турција која беше победена на сите фронтови и беше принудена набргу да побара мир.
Воените операции главно се водеа во Тракија и Македонија, со забележително учество на македонски доброволци. Балканските сојузници успеаја да го исползуваат ентузијазмот и воодушевувањето на Македонците да се борат за слободата на својата земја.
Најмногу македонски доброволци беа регрутирани во бугарската армија. На тракискиот фронт учествуваа 14.000 Македонци организирани во Македонско-одринско ополчение (доброволци). Тие не беа праќани во Македонија поради стравот да не побараат создавање на независна македонска држава.
Македонски доброволци беа регрутирани и во српската и во грчката војска. Тие на некој начин водеа братоубиствена војна и обично дејствуваа како претходница, пред да настапат редовните сојузнички војски.
Посебна улога одигра самостојниот одред на Јане Сандански од 500 четници, составен од реонските чети на Александар Бујнов, Тодор Паница, Таската Серски, Чудомир Кантарџиев и други.
Тие дејствувајќи самостојно прво го освоија градот Мелник со околните места. Во реонот на Мелник и Свети Врач покрај споменативе самостојни чети, под нивна команда се наоѓаа околу 400 мелничани, триста лица од Свети Врач и околу седумдесет востаници од околните села.
Откако ја пробија Рупелиската Теснина, Седмата рилска бугарска девизија и четите под команда на Сандански со 300 востаници, во придружба на четите на Стојо Хаџиев, Димитар Арнаудов, Александар Бујнов и други, како претходница на бугарската коњаница, влегоа во Солун пред настапувањето на бугарските единици. По заземањето на тој важен стратегиски град од грчко-бугарската војска и по влегувањето на одредот на Јане Сандански, за време на една прослава, Сандански ќе се обиде да одржи здравица во чест на слободата и идната автономија на Македонија. Но, при тој свечен момент, брутално беше нападнат од еден бугарски офицер. Во оваа прилика Сандански, а и македонскиот народ, се уверија дека се само искористени од страна на освојувачката политика на соседните балкански држави. Иако Македонија беше ослободена од Турците со големо учество на свои доброволци кои се бореа за автономна држава, нејзината судбина беше решена на Лондонската конференција, односно таа остана окупирана од Србија, Бугарија и Грција.


4. Лондонски договор


На 30 мај 1913 година, Отоманската империја го потпишала мировниот договор во Лондон, според кој се откажала од териториите западно од линијата Енез-Мидија во корист на балканските сојузници, со тоа што било одлучено да се создаде албанска држава, чии граници требало да се утврдат дополнително.
Загубите во загинати, ранети и заробени изнесувале: Отоманска Империја 153.000, Царство Бугариjа 73.000, Кралство Србија 30.000, Кралство Грција 28.671 и Кралство Црна Гора 10.000 луѓе.
Материјалните загуби на Царството Бугариjа изнесувале една милијарда и 300 милиони франци, на Кралството Србија 590 милиони, на Кралството Грција 467 милиони и на Кралството Црна Гора околу 100.000 франци. Загубите на Македонија, човечки и материјални, не се наведуваат, ниту во еден извор, иако војната се водела и во Македонија, а од глад и болест умирале најмногу деца и стари. Македонија загубила сè што имала: територијата распарчена, народ и имотот национализирани, историјата погребана. Затоа Сандански рекол дека за Македонија ќе било подобро да остане под турско ропство, оти тие што ќе ја ослободат, ќе ја распарчат и повторно ќе ја поробат

5. Македонија по Првата балканска војна


Српската влада започнала да ги остварува политичките цели веднаш по победите во првите битки. По Кумановската битка, на освоената територија бил воспоставен режим на специјална управа. На 12 октомври 1912 година, штабот на првата. армија се обратил до Врховната команда со молба што е можно побрзо во Куманово да се испрати еден полициски комесар со потребен број службеници за одржување на редот во градот и во околијата.
Покрај тоа, се барало, на овој комесар да му се испрати на служба еден жандармериски одред од 25 души и 10 коњаници со командир на одредот. Во истата молба се барало и, во случај српските сили да го заземат Скопје, исто така, да се испрати еден полициски комесар со потребен број службеници и поголема полициска жандармерија, кои на барање на овој штаб ќе се упатат веднаш во Скопје. Следниот ден, странските конзули предводени од рускиот конзул Хартвиг го спречиле повлекувањето на турските сили во Скопје, по што тие се повлекле кон Битола, а градот Скопје ѝ бил предаден на српската војска. Веднаш по преземањето на градот, била воспоставена српска воена привремена администрација.
Бугарските воени сили до примирјето на 4 декември 1912 година, ја зазеле и се утврдиле на територијата на Македонија источно од линијата: Царев Врв - Гевгелија-Нигрита-Орфански Залив-Егејско Море. Во оваа област била воспоставена воено-политичка власт на чело со губернатор. Оваа територија окупирана од бугарската војска официјално била наречена Македонска област, што административно била уредена според системот на управата на бугарската држава. Меѓутоа, фактички во оваа област била воспоставена воено-полициска власт и била наречена Македонско воено губернаторство на чело со губернаторот генералот Михаил В'лков и главниот секретар Михаил Зелков.
Воспоставувањето на бугарската воено-административна власт во Македонија започнало веднаш по освојувањето на населените места и реони. На 10 октомври 1912 година, началникот на 7. Рилска дивизија, генерал-мајорот Георги Тодоров, издал специјална наредба со која се утврдувале значењето и улогата на новосоздадените административни органи во новоосвоените области. За таа должност уште истиот месец се испраќале луѓе од старите краеви на Бугарија.
Грчката воено-административна власт во Македонија била воспоставувана на истите принципи како бугарската и српската. Правото на силата бил единствениот фактор што одлучувал чија власт ќе се воспостави во кој дел од Македонија. Потчинувајќи ја својата воена стратегија целосно на политичките цели, грчката Врховна команда им наредила на своите вооружени сили што побрзо да влезат во Солун и таму да воспостават своја власт, со оглед на тоа дека Јужна Македонија веќе била окупирана од грчката војска уште во почетокот на војната, односно до првите денови на ноември 1912 година. Грчката воено-административна власт му била потчинета на Главниот штаб на грчката војска, кој се стационирал во Солун. На чело на штабот бил престолонаследникот Константин, кој ја вршел и функцијата врховен управник на окупираната област.
Локалната власт ја претставувале командантите на гарнизонските и на помалите единици стационирани во градовите и во селата. Во Солун постоела фиктивна окружна управа на чело со П. Артиропулос. Таквото уредување на грчката окупаторска власт се задржало до крајот на октомври, а на 31 октомври 1912 година, грчкиот крал Ѓорѓи на предлог на претседателот на владата Елефтериос Венизелос го поставил министерот за правда Константин Рактиван за врховен раководител и управник-гувернер во Македонија, која била заземена од грчката војска.
Истовремено, со специјалниот брод Аркадија, од Пиреја кон Солун била упатена новоформираната грчка управа засилена со десетина конзулски службеници и со 168 критски жандарми на чело со потполковникот А. Момфератон. Солунското пристаниште било ставено под француско знаме и затворено за грчките бродови. Со турските и со другите бродови во солунското пристаниште командувал францускиот конзул. Поради тоа, Рактиван со бродот Аркадија, како и со други бројни бродови, меѓу кои и бродот на кралицата, бил присилен да се укотви во малото пристаниште Елефтерхорион.
Рактиван се обидел на разни начини и по обиколни патишта да влезе во Солун, но откако бил оневозможен, претседателот на владата Венизелос го известил во Солун да влезе со моторен брод под француско знаме. Под француска заштита, на 30 октомври 1912 година Рактиван пристигнал во Солун. Веднаш, со помош на англискиот конзул било овозможено влегувањето на грчките бродови во Солун, односно воспоставување на административниот апарат и ангажирање на критската жандармерија, што била позната по своето антимакедонско расположение и по свирепоста во извршувањето на задачите

 

Заклучок


Очигледно е дека со потпишувањето на Букурешткиот мировен договор е направена една голема неправда. Македонците во главно се бореле од сите три страни, односно се бореле за ослободување од Турците, но дури тогаш настрадале уште повеќе. Македонците тогаш тврделе дека „во војската учествувале повеќе од 100 000 Македонци, не сметајќи ја помошта што целото население им ја нудело на сојузниците поради понудата за независност...со слоганот ‘Македонија на Македоницте‘.“

Поделбата на Македонија ги разделила сите Македонци на повеќе страни. Во 1923 по поразот на Грција од Турција со потпишувањето на Договорот од Лозана за размена на населението, околу 350 муслимани и „Бугари“ ја напуштиле Грција, додека во Македонија дошле 550 000 бегалци. Со тоа станале крупни етнички промени во структурата на населението. На 21 ноември 1926 година се донесува закон за хеленизирање на сите географски имиња но, и имињата на луѓето!! На 7 септември 1938 под водство на Јоанис Метаксас бил издаден правен акт со кој било забрането употреба на македонскиот јазик и во домашни услови. Во периодот од 1946-1949 кога била грчката граѓанска војна многу луѓе биле погубувани и без да се судат, а помеѓу бегалците имало 28 000 македонски деца до 14 години старост. Било донесено закон со кој Грција можела да конфискува имотот, кој во 1985 година бил променет само за враќање на оние што се Грци по потекло.

Очигледно е дека најголемите промени се случија во Егејска Македонија, а „најдобро“ поминаа оние луѓе кои останаа под српска власт. И по речиси 100 години ние сеуште го бараме својот идентитет и своето име. И покрај сите докази, како да се наоѓаме пред 100ина години. Поделбата на Македонија им го уништи животот на многу луѓе кои под влијанија на пропагандата и измачувањата денес се нарекуваат Грци или Бугари. Македоните во Грција постојано се опструирани од грчката влада, цел на напади од про-фашистички организации, не можат да учат на македонски јазик, речиси и да ги немаат основните човекови права. Исто така Македонците во Бугарија се уште мака мачат со регистрирањето на македонската партија. Ова е само мал дел од маките што ги има претрпено Македонецот по поделбата на Македонија.

Денес проблемите кои настанаа по поделбата на Македонија ни влијаат, така што Грција не ни дозволува да влеземе во НАТО и ЕУ, така што не ни го признава името, дури и негира дека некогаш воопшто имало луѓе пред 50, 100 години. Тие луѓе се фантоми за Грција. Бугарија исто така ни ја негира историјата и идентитетот. Докази има насекаде, но Европа како и пред 100 години е слепа и глува на се, со тоа што не им се дозволуваат основните човекови права, и тоа од земји членки на ЕУ. Поделбата на Македонија по Балканските Војни е најтрагичниот настан за Македонија во предходниот милениум.


Користена литература


1. Карл Савич „Македонија и Првата балканска војна“
2. „Македонија во времето на Балканските и првата светска војна “(1912-1918) – Д-р Петар Стојанов, Институт за Национална Историја, Скопје, 1969
3. Спорот за името –Македонија и Грција – Студентски Проект, Службен весник на РМ, Скопје, 2008
4. Неделник Фокус бр. 666 , од 4 април 2008 година. Автор е Дарко Јаневски.
5. Македонија и Грција – „Битка за дефинирање нова балканска нација.“ – Џон Шеј
6. Балкански рат у слици и речи 2, [Балканската војна во слика и зборови 2] 27 јануари (9 февруари) 1913; 6, 24 февруари (9 март) 1913; 7, 13 (16) март 1913; 12, 7 (20) април 1913; 13, 14 (27) април 1913; 29, 31 август (13 септември) 1913; октомври (13 ноември) 1913, (ур.), Душан Мил. Шијачки, второ издание, Белград 1922.
7. Georgiev, G. Human resources of the countrieswhich took part in the Balkan War 1912-1913,A Collection of Military History [Човечки ресурси на земјите - учеснички во Балканските војни 1912- 1913, Збирка по воена историја], 1983, том I.
8. Кишкилова, Балканските войни по страниците на българския печат 1912-1913 [Балканските војни во бугарскиот печат 1912- 1913], Софија, 1999.
9. Славко Мика Мићевић, Српски добровољци у ратовима 1912-1918 [Српските доброволци во војните од 1912-1918 година], Бања Лука, 1998.
10. Барбара Јелавич,Историја на Балканот дваесетти век том 2,1999 Скопје , Лист

  Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD