Крајот на IX и почетокот на X век е означен со крупни промени во
општествената структура на Македонските Словенски племиња. Во тоа
време, територијата на македонските племиња влегува во состав на моќната
феудална држава на Бугарскиот цар Симеон (823-927). По завладувањето,
за да ја задржи власта, како изаради можноста за побрза и поефикасна
експлоатација, и на овој простор е проширена воено-административната
поделба, каква штовеќе постоела во Бугарското царство. Тоа значело
и забрзано распаѓање на родовските општини. Во овој процес била вклучена
и црквата, која добивала поседи како подарок од владетелите. Така
црквата почнала да станува една од најјаките феудални институции.
Како крупен големопоседник, таа застанала на страна на монархијата,
во одбрана на вака поставениот општествен поредок. Околностите во
кои се нашле Македонските Словени, посебно се влошиле во средината
на X век, за време на владеењето на царот Петар (927-969), кога нагло
биле зголемени даноците за големиот воено-административен апарат,
кога ги завршил своите освојувачки походи. Тргнувајќи од местоположбата
на Македонија, јасно е дека на нејзино тло се одигрувале општествени
превирања и потреси, промени на етникуми, мешање на култури, што резултирало
со усвитена духовна атмосфера во која се раѓале идеи, философии и
религиски толкувања на животот и на смислата на човековото постоење.
Прифатен е ставот дека еден од центрите на зачеток на ерес (ерес-учење
што отстапува од официјалните догми и вистини на црквата) е токму
територијата на денешна Македонија.
Во едни такви критични историски услови се појавува идејата за хуманизам
и културна преродба и силно народно движење, за верско и политичко
ослободување – Богомилството.
Кон крајот на деветиот век, шестотини години пред Да Винчи да ја наслика
својата „Тајна вечера“, на ридестиот Балкан се појавува Богомилството,
духовно и социјално движење на кое по своето влијание и значење во
модерната европска историја му нема рамно. Многу од придобивките на
слободните демократски и секуларни општества, кои денес ги сметаме
за неприкосновени права и привилегии на секој човек, се резултат на
повеќевековната борба што ја започнале токму богомилите.
Богомилството се појавило во Македонија, на рабовите на тогашна Византија,
во време на политички и религиозни превирања. На овие подрачја често
се менувале државни и религиозни власти, па затоа тие претставувале
идеална почва за раѓање и развивање на независни, слободоумни идеи.
Од тука, со текот на годините, богомилството се раширило низ целиот
Балкан (во средновековна Босна тоа било и државна религија), а оттаму
во Северна Италија и во Јужна Франција.
За творец на богомилството се смета поп Богомил од Македонија, но
многумина сметаат дека попот Богомил не е историска личност, туку
дека е лик од легендите.
Ангеловска - Панова е сигурна во постоењето на попот Богомил од Македонија
којшто бил свештеник во официјалната црква. Припаѓал на нижото духовенство
(народот би рекол "селски поп"), но сепак бил многу образован
и се залагал за реформи и искоренување на феудализмот и експлоатацијата
на народот.
Никос Чаусидис укажува на фактот дека името Богомил може да има и
древно-пагано-словенска традиција. Во 9 век во Новгород, Русија, е
забележан пагански жрец кој давал отпор кон покрстувањето на Словените,
а се нарекувал Богомил. Ова укажува дека зборот богомил има словенска
традиција, и не значи мил на Бога (богумили) туку богомолец, врач,
оној којшто е задолжен да се моли на Бога.
Богомилството претставува духовна појава со дуалистички карактер
на религиозно произнесување и социјално-философска ориентација.
Богомилите се познати во историјата под многу имиња. Во Србија се
нарекувани бабуни, во Босна патарени, а во Северна Италија и во Јужна
Франција - албигојци и катари. Доказ за тоа дека сите овие се само
различни имиња на богомилството, претставува фактот дека на големиот
„еретички“ собор во Сан Феликс де Караман претседавал драговитскиот
богомил Никита и дека, според известувањата на Бонакурс од Милано,
еретичките заедници на Запад биле организирани по углед на драговитската.
Драговитија се нарекувала територијата околу и западно од Солун, што
значи територијата на Јужна Македонија, која била населена од Драговитите,
средновековно македонско племе. Драговитите, заедно со другите македонски
племиња (Сагудати, Ринхини, Смолјани, Струмјани, Брсјаци, Велегизити,
Војнити и др.), потпаѓаат под бугарска власт дури кога на чело на
бугарското царство застанува Симеон (893-927). Сѐ дотогаш, тие живееле
во племенски сојуз со децентрализирано демократско општествено уредување.
По нивното освојување, Симеон почнува да ги уништува родовско-племенските
форми, а со тоа и демократскиот начин на живот. Бидејќи сето тоа се
случувало непосредно пред и за време на појавата на богомилското движење,
сосема е логично, богомилското социјално учење за еднаквоста на сите
индивидуи да се набљудува, во извесна мера, како реакција на Симеоновите
обиди за централизација и хиерархизација на општеството.
Влијанието на богомилското движење може да се забележи во македонската
архитектура, литература и уметност. Примери има многу, а за илустрација
може да ни послужи мијачката традиција. Според етнолошките истражувања,
Мијаците се доселиле во реканскиот крај помеѓу 9 и 12 век, од областа
околу Солун и се смета дека се дел од поголемата племенска групација
на Драговитите. Бидејќи не се мешале со луѓе надвор од своето племе,
како и заради непристапноста на краиштата во кои се населиле, традиционалната
култура кај нив се одржала во чиста форма се до почетокот на 20 век.
Тие го задржале родовско–племенското уредување; одлуките ги донесувал
племенскиот совет, а последниот познат собир на племенските старешини
бил одржан во 19 век.
Најголема потврда за длабоката врска помеѓу нив и драговитските богомили
е традиционалното мијачко почитување на богомилските симболи и нивното
сочувување, особено во нивната архитектура и уметност.
Мијачките градители го употребувале бигорот како градежен материјал,
иако го немало во тој крај во големи количини, па тие го носеле со
коњи од Кичевско и Охридско. Фактот што бигорот е порозен и не обезбедува
долготрајност, за разлика од различните видови на седиментни карпи
и гранити, кои ги има во изобилство во реканскиот крај, покажува дека
тој е користен заради симболиката, а не од други причини. Инаку, како
религиозна параферналија богомилите на себе носеле само бигорен камен
што ја симболизирал чистината на срцето.
Секоја мијачка куќа имала параклис. Параклис е мала просторија која
служи за лична молитва, без никакви знаци и обележја. Богомилите биле
иконокласти, што значи дка не прифаќале никакви визуелни претстави
на божественото.
Племенското знаме на мијаците е полумесечината со ѕвезда, уште еден
богомилски симбол што недвосмислено ја потврдува моќта на традиционалната
богомилска духовна култура, која останала недопрена од туѓи влијанија
во овие тешко пристапни краишта.
Богомилството било првото масовно движење, кое директно се спротивставило
на Црквата како врвен авторитет во духовниот живот. Всушност, богомилите
воопшто немале официјална црква, ниту свештенство, па затоа излегувале
од вообичаената шема на еретички учења. Прогонот на богомилите почнал
уште на самиот почеток на нивното делување, од страна на византиските
авторитети, а достигнал кулминација во Четвртата крстоносна војна,
насочена против еретиците во Јужна Франција.
Според богомилите, хармоничен соживот и општа благосостојба може
да се достигне во овоземскиот живот, во праведна општествена организација.
Тие се залагале за активизам, а не ја признавале ниту тогашната световна
власт, која според нив не се засновала на праведни принципи и не подразбирала
еднаквост за сите. Бидејќи не признавале никаква предодредена хиерархија,
би можело да се каже дека богомилите биле првите комунисти, односно,
првите анархисти.
Учеле на толеранција, разбирање и еднаквост на сите луѓе. Најголемата
доблест што човек може да ја поседува според богомилите била трпението.
Тоа подразбира мирен дух, отпорност на искушенија и одмереност.
Во богомилските заедници мажите и жените имале еднакви права и статус.
Нема хиерарија, туку еднаквост, баланс. Жените можеле да ги извршуваат
сите функции во општеството, вклучувајќи ја и свештеничката. Се разбира,
бидејќи кај богомилите немало строго определена црковна хиерархија,
под свештеник се подразбирало човек кој го шири знаењето со збор и
во дело.
Учеле на ненасилство. За нив пролевањето крв било најголем грев.
Тие не убивале ниту животни. Така, за време на крстоносниот поход
против катарите и албигојците во Каркасон, Јужна Франција, католичката
инквизиција го злоупотребила овој податок во својата кампања на гонење
и убивање еретици. Имено, богомилите воопшто не го сметале формалното
изјаснување на припадност за важно, па ги поттикнувале своите припадници
да лажат за нивната вероисповед, ако нивниот живот или животот на
некој друг зависи од тоа. Кога инквизицијата го освоила Каркасон,
стотици од нив се изјасниле како католици. Но, како доказ за тоа инквизицијата
побарала од секој поединечно да заколе куче. Згрозени од идејата да
одземат туѓ живот, повеќето од нив одбрале доброволна смрт. Во истата
војна против еретиците, кога заповедникот на освојувачите, Arnaud
бил запрашан за тоа како да се разликуваат катарите од католиците,
тој одговорил: „Caedite eos. Novit enim Dominus qui sunt eius.“ (Убијте
ги сите, Бог ќе ги познае своите.)
Богомилите се нарекувале себе „христијани“ или едноставно „добри луѓе“.
Тие учеле дека вистински христијанин се станува само во срцето, а
не преку ритуали и формална припадност кон црквата.
Љубовта ја сметале за врвен принцип преку кој човек може да се продухови
и да се оствари во потполност. Тие не го гледале телото како грешно,
ниту пак физичката љубов и репродукцијата. За нив животот бил божји
дар, кој треба со мудрост да се искористи. Богомилското влијание во
европската хуманистичка преродба е несомнено. Тие први го воздигнале
човекот до ниво на нешто свето врз кое треба да се сконцентрира сета
духовна и креативна енергија. Ако се запрашате што се случило со богомилството
по последните прогони, ќе наидете на мистериозност и недостаток на
факти. Мое мислење е дека со хуманистичката преродба во Ренесансата
и постојаниот напредок оттогаш наваму, богомилството успеало и со
тоа престанала потребата од негово постоење.
Рацин, во своето дело за богомилите кажува: - Чунки богомилите биле
први наши вистински народни учители и книжовници. Тиасе соживеле со
народната душа, убаво ги разбрале нимните потреби и со своата „нова”
наука силно го исплашиле стариот свет, „уреден така от бога”. Такво
учење да е светов вака уреден од бога се сметала тогај една света
религиозна догма. Натова се крепи стариот феудален свет, натова живееле
јадачите. Но богомилите убаво разбрале што значи таја догма , како
и сите друзи верски догми и во критиката на таквиа догми а со народниот
отпор против феодалите, во мистична форма, направиле чудесно смели
заклучениа за своето време.
Денеска, ние (за жал не и сите луѓе на земјата) живееме во општества
кои со закони ги гарантираат нашите лични слободи, ја подразбираат
еднаквоста на сите граѓани, постои световен суд, не е дозволена полна,
расна или било каква друга дискриминација и уште ред други нешта.
Фактот што едно такво движење се родило во Македонија и оттука го
раширило добриот збор низ Европа треба да ни претставува гордост,
но и потсетување за тоа колку овие придобивки се свети и колку треба
со внимателност да ги чуваме и да ги негуваме.
Главниот постулат на богомилството е дека постојат две космички начела:
Бог, како апсолутно добро, и ѓавол, како апсолутно зло. Ако е господ
толку добар, зошто се случуваат толку зла и неправди? Значи мора некој
исто толку моќен да е одговорен за злото. Целиот видлив свет е творба
на ѓаволот, вклучително и човекот, како тело коешто поседува душа
којашто, пак, има божествена природа. На овој начин е воспоставена
дихотомија, прифаќајќи го принципот на дуализам.
Богомилите не ги почитувале верските храмови, бидејќи ги сметале
за човечка креација, односно, во подлабока смисла, за ѓаволско дело,
бидејќи ѓаволот бил господар на светот.
Не верувале ниту во бракот и пропагирале живот без сексуални односи
(некои богомилски групи оделе голи и практикувале оргијазам, што може
да се толкува и како недоследност, но и како еден вид анархистички
антидогматизам.
Познато е дека цар Самуил имал ерменско потекло, а бил наклонет кон
богомилите. Неговата ќерка Косара, по сѐ изгледа, според убедувањето
била богомилка. Затоа не е чудна свирепата одмазда на Византијците.
Тие ги ослепиле Самуиловите војници со алузија на нивната наклонетост
кон богомилската ерес.
Испитувајќи ја паганската религија на Словените, Чаусидис поставува
хипотеза дека старите Словени уште во старата татковина дошле во допир
со иранското манихејство и дуализам, така што е многу веројатно дека
кога дошле на Балканот тие, според своето убедување, веќе биле дуалисти.
Во допир со сите други дуалистички учења на манихејците, масалијаните,
павликијаните коишто бегале од прогоните на Црквата и се населувале
на Балканот, во еклектички занес се родило богомилството. На поставеното
прашање дали богомилството е автентичен македонски феномен роден на
тлото на Македонија, професор Чаусидис експлицитно одговара: Не. "Според
сега познатите научните факти на богомилството не може да му се залепи
епитетот македонско, тоа не е еминентно македонски феномен. Изворите
говорат дека има јасни аргументи дека големите јадра на ова учење
се наоѓаат во Мала Азија, Бугарија, Босна. Така што мораме да се заштитиме
од патриотистичкиот елемент кој не ни служи воопшто", вели Чаусидис.
Наспроти Чаусидис, Ангеловска - Панова смета дека богомилството е
автентично движење на македонските словени, "еден вид народна
религија за искажување на идентитетот. Сите влијанија од другите еретички
учења заедно со влијанија од Античката философија богомилите ги синтетизирале
во една целина заедно со паганските елементи на словените. Таа целина
претставувала оригинална религиско-идеолошка програма."
И во поглед на самата природа на учењето и од аспект на неговите
философски и етички импликации, сепак богомилството не било оригинално
учење. Еклектицизмот не може во принцип да содржи оригиналност во
себе. Затоа богомилството и често се мешало со другите еретички учења
во тогашна Византија, како манихејството, масалијанството и павликијанството,
кои со својот дуалистички концепт за космосот влијаеле и врз богомилите.
Фактот дека недостигаат оригиналните извори на дуалистите, говори
за проблемите со коишто се соочуваат научниците, бидејќи мора да реконструираат
врз основа на податоци коишто не се изворно богомилски. Бидејќи пишаните
книги на богомилите, како и апокрифите на другите дуалистички учења,
се изгубени и запалени од страна на институциите на црквата, секогаш
изворите за учењето на богомилите се делата на нивните опоненти.
Еден од најмистериозните манускрипти е Тајната книга или “Interrogatio
Ioannis” која содржи резиме на богомилската доктрина и се смета за
автентично дело на богомилската литература. Оригиналот на Тајната
книга до ден денес не е пронајден. Сочувани се само два преписа на
латински јазик, каркасонскиот од 12 век и подолгиот виенски кој потекнува
од 13 век. Еден запис од каркасонскиот препис упатува на можност дека
Тајната книга на богомилите потекнува од балканските простори.
Суштината на богомилството како движење и како учење може да се проследи
и историски да се реконструира врз база на неколку клучни постулати
и тоа: дуализмот, специфичната теолошко-догматска определба, поддржување
на етичките начела во рамките на нивниот социјален живот и конечно
политичката димензија на учењето, чии детерминанти произлегуваат од
вкупните општествено-политички процеси во средновековието.
Всушност, дуализмот претстасвувал реална последица од перцепцијата
на човекот за реалниот и суров живот на земјата наспроти визионерскиот
модел за идеален живот, којшто би се реализирал во Божјото небесно
царство.. Поконкретен религиски статус во процесот на дуалистичката
онтологија добива иранскиот дуализам, проследен преку зороастризмот
и маздеизмот, кои како религиозно-филозофски платформи егзистирале
17 века пред појавата на богомилството. Имено, според учењето на Зарашутра,
универзумот претставувал творба на Ахура Мазда, а светот подоцна во
неговата реална и материјална манифестација го расипал Ахриман (Elijade
1991: 195; Stoyanov 2000:17-18)
Кога станува збор за богомилскиот дуализам, секако треба да се има
предвид неговиот компилативен карактер, кој е резултат од хронолошки
постарите еретички искуства и од влијаснието на канонската и апокрифната
книжевност. Но истовремено варијантите на дуализмот во голема мера
биле детерминирани и од конкретните општествено-политички и економски
услови во периодот помеѓу X-XV век како и од постојните сфаќања за
принципите на добро и лошо конкретизирани преку ликот и дејствувањето
на бог и на ѓаволот.
Функционирањето на материјалниот свет се потпирал врз принципот на
злото, што само по себе значи дека материјата се третира како зла
супстанца во која се наоѓа царството на сатаната како антипод на царството
на светлината. Антагонистичката поставеност на духот и материјата
претставува филозофски фундамент и опорна точка на богомилската доктрина.
Со ваквото убедување богомилите се доближиле до учењето на Платон,
според кое материјата идентификувана со пустош и празнина му противречи
на царството на светлината (Кочев 1979: 63).
И покрај евидентната доминацијата на умерените дуалистички тенденции,
сепак во богомилските средини во определени моменти бил присутен и
екстремниот дуализам, кој во најголем број примери бил поттикнат од
конкретните политичко-социјални проблеми во услови на феудалниот општествен
систем. Типичен пример за екстремна експанзија на апсолутниот дуализам
е забележан во рамките на Драговитската црковно-еретичка општина,
која се доведува во врска со традициите од некогашната истоимена склавинија
лоцирана во западниот дел на Македонија, чијшто статус своевремено
се засновал на политичка и економска слобода (Ангеловска-Панова 2004а:
90-91).
Нападот на богомилите бил насочен првенствено против црквата како
институција, којашто според нивното верување немала ништо заедничко
со вистинската христијанска еклесија токму поради фактот што отстапувала
од принципите установени со евангелските текстови. Отфрлувањето на
црквата во нејзиното институционално значење богомилите го поткрепувале
со сопствената интерпретација на Евангелието по Матеј (XI, 6) во кое
се вели: „А ти кога се молиш влези во својата одаја и затварајќи ја
вратата помоли му се на својот Отец“. Општ е впечатокот дека тие ја
поддржувале содржината во буквална смисла, истакнувајќи дека никаде
не станува збор за каква и да е црковна зграда.Според истиот принцип
веројатно е извршено и толкувањето на синтагмата од апостол Павле
кој во Првото послание до Коринтјаните истакнува: "Не знаете
ли вие дека сте храм Божји и духот Божји живее во вас? Ако некој го
разори Божјиот храм, него Бог ќего разори, зашто Божјиот храм е свет,
а тоа сте вие"
Поддржувајќи ги принципите на првобитното христијанство, богомилите
биле против хиерархиското уредување кое се засновало на материјални
блага. Нивната дефиниција за хиерархија се поврзувала со степенот
на теоретска опитност во изложување на догмите и практикување на строг
аскетски живот, што од денешен аспект повеќе имплицира на значењето
на терминот категорија. Во зависност од задоволувањето на овие критериуми
богомилите функционално биле разграничени на три основни категории:
слушатели, безбожници и совршени или во духот на нивната терминологија:
приврзаници, верници и совршени (Ангелов 1967: 42).
Во својата доктринарна определба богомилите биле категорични во својот
нихилизам кон службите, иконите, крстот, крштевањето, евхаристијата,
светите моштикако извор на чуда, воскресението, празниците, световноста
на Богородица итн. Тоа секако говори во прилог на фактот дека богомилскиот
теологизам не бил насочен директно против христијанските начела, туку
против нивната интерпретација од аспект на официјалната Црква како
идеолошки супстрат во услови на средниот век.
Се молеле дома и меѓусебно се исповедале, негирајќи епископи и власта
над верниците. Го отфрлале Стариот завет и го признавале само Евангелието.
Појавата на дуалистичкиот ерес беше израз на револт против хиерархијата
на христијанската црква, во која се користи концептот за Бог како
алатка да се држат верниците во покорност. Тоа беше, исто така, израз
на револтот против државната власт, која за своето владеење се потпираше
на христијанската црква.
Идеолошки, богомилското движење во Македонија во целост беше насочено
против византиските и бугарските освојувачи, против новоформираните
домашни феудални господари и против црквата.
Анти-феудалната суштина во богомилството се гледа во неговите општествено-политички
ставови и во рамките на мистично-религиозните концепции. Проповедајќи
демократија во сиромаштијата, скромен и едноставен живот, непослушност
кон власта, богомилството содржело силна антифеудална нота, поттикнувајќи
го народот на бунт и револт.
За крај, ќе завршам со зборовите на нашиот великан, книжевен деец
и комунистички активист К.А.Солев (Кочо Рацин) како прв македонец
кој го проучувал богомилското движење, покажувајќи посебен интерес
и посветувајќи му три трудови кои се одликуваат со значителен квалитет
на проучувањето на материјата, доста студиозно обработувајќи ја.
Меѓуостанатото, вреди да се спомене Рациновата теза дека „богомилството
е нешто најинтересно и најсветло во нашата народна историја”.
- От сичко овоа мислиме да е јасно у што било това матно но толку
опасно учение на богомилите. Најнапред што ни пагја во очи от овова
е, дека богомилите први седигајат против верските догми како окови
на човечкиот разум и сакајат слобода замислата. Само разумот, како
искричка божја, бил вистина, а не догмите што учелелаги. Ете зошто
работата изпагјала страшна; штом човек не живее како што учицрквата,
сичко стануе фалшиво и лажно- и феодалите и црквата и се што ониучат.
Човек бил слободен да го отврли злото и да заживее по својата совест,
по разумот и правдата, а таја викала да се сметнат феодалите и господарите
и секоавласт над човека. Ете, тука почнала европејската Реформација!
Користена литература:
• http://mk.wikipedia.org/wiki
• http://forum.kajgana.com/threads
• http://www.mn.mk/aktuelno/2095
• http://forum.kajgana.com
• http://en.wikipedia.org/wiki/Manichaeus
• http://my.opera.com/flebur/blog
• http://www.pelister.org/Racin/index.html
• http://www.eden.com.mk/mystical-macedonia/164-bogomils.html?start=1
• http://lucian.uchicago.edu/blogs/namsc/files/2010/02/maja.referat.pdf
• Историја на македонскиот народ, ИНИ, 2008